вторник, 22 октомври 2024

Сите афери што го обележаа животот на Силвио Берлускони (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Неговата екстравагантна личност го привлекуваше италијанскиот електорат, кој продолжи да го поддржува и покрај обвинувањата за корупција и измами, пишува Би-би-си.

Четири пати беше премиер и секој пат кога изгледаше дека неговата политичка кариера завршила, успеваше да им пркоси на своите критичари и да се врати.

Девет години откако му беше забрането да извршува јавна функција поради даночна измама, тој се врати во парламентот, избран во италијанскиот Сенат пред да наполни 86 години во септември 2022 година.

Но честопати неговиот приватен живот – неговата склоност да се опкружува со убави млади жени и секс-скандалите што следуваа – стигнуваше на насловните страници низ светот.

Берлускони, кој почина на 86-годишна возраст, беше медиумски магнат, сопственик на фудбалски клуб и милијардер-бизнисмен што никогаш не се откажа од политиката – и со децении помагаше во обликувањето на имиџот на Италија.

Миланскиот магнат

Силвио Берлускони е роден во семејство од средна класа во Милано на 29 септември 1936 година, а израснал во село надвор од градот за време на Втората светска војна.

Уште од студентските денови ја покажал способноста да заработува пари. Додека студирал право на универзитет, свирел контрабас во студентски бенд – и стекнал репутација како пејач, работејќи во ноќни клубови и на крстосувачки бродови.

Неговиот прв обид да го искористи својот природен шарм за бизнис беше како продавач на правосмукалки и со продавање есеи што ги пишувал за своите колеги-студенти.

По дипломирањето, тој почнал со градежништво со сопствената компанија Едилнорд, градејќи огромен станбен комплекс на периферијата на Милано – иако изворот на финансирањето на проектот беше мистерија.

Во 1973 година, претприемачот основал локална кабелска телевизија наречена Телемилано за да обезбеди телевизија за своите имоти.

Четири години подоцна, тој поседуваше уште две станици и студио во центарот на Милано. До крајот на деценијата, тој ја основа холдинг-компанијата Фининвест за да го контролира брзото проширување на своите деловни акции.

На крај, таа ќе биде сопственик на Медиасет – најголемата медиумска империја во Италија и сопственик на најголемите приватни станици во земјата – и на најголемата издавачка куќа во Италија, Мондадори.

До времето на неговата смрт, тој стана еден од најбогатите луѓе во Италија, со семејно богатство од милијарди долари. Неговите деца – Марина, Барбара, Пјер Силвио, Елеонора и Луиџи – учествуваа во водењето на неговата деловна империја.

Дел од тоа богатство ќе се искористи за задоволување на неговите лични интереси – вклучувајќи го и спасувањето на неговиот роден фудбалски клуб Милан од банкрот во 1986 година.

Таа инвестиција ќе се исплати три децении подоцна во 2017 година, кога им го продаде клубот на кинески инвеститори за 740 милиони евра.

Никогаш не се откажа ни од фудбалот, подоцна го купи фудбалскиот клуб Монца и уживаше во неговиот подем до врвот на Серија А првпат во неговата историја.

Истраги за политичката моќ и корупцијата

Извонредната способност на Берлускони постојано да се соочува со судовите – и да ја одржува својата популарност во политиката – беше неспоредлива.

Тој често се жалеше на виктимизација – особено од обвинителите во неговото родно Милано – еднаш тврдејќи дека имал 2.500 појавувања на суд во 106 судења во текот на 20 години.

Обвиненијата во текот на годините вклучуваат проневера, даночна измама и лажно сметководство, како и обид за поткуп на судија. Во неколку наврати беше ослободен или му беше сменето обвинението.

Неговите контроверзии беа мошне јавни и станаа редовен фон на неговата политичка кариера. Дури во февруари 2023 година, тој конечно беше ослободен од обвиненијата за поткуп на сведоци да лажат за злогласните забави „бунга бунга“ што како премиер ги одржуваше во својата вила.

30 години пред тоа, во 1993 година, основаше своја политичка партија, и во рок од една година се катапултира на власт.

Користејќи го својот ентузијазам за фудбалот, тој ја нарече својата партија по скандирањата на навивачите – Форца Италија (Напред, Италијо). Во тоа време, по скандалот што ја зафати италијанската десница, се појави вакуум во власта – а Берлускони им даде алтернатива на оние гласачи што не беа левичарски.

Масивната рекламна кампања на неговите сопствени ТВ-канали му помогна да победи на изборите во 1994 година.

Сепак, неговиот апетит за политика се сметаше за обид да избегне самиот да биде вмешан во обвинувањата за корупција, откако неколку негови бизниси беа вмешани во истрагата.

Но, тој ги отфрли тврдењата. „Не морам да одам во владината канцеларија по моќ. Имам куќи низ целиот свет, прекрасни бродови, прекрасни авиони, убава сопруга, прекрасно семејство. Јас правам жртва“, изјави тој тогаш.

Откако дојде на власт, владата на Берлускони донесе закон со кој нему и на другите високи јавни личности им беше даден имунитет од кривично гонење додека се на власт, но тој подоцна беше укинат од уставниот суд.

Кралот на враќањата

Првата коалиција на Берлускони траеше само неколку месеци – делумно поради несогласувањата меѓу различните партии во неа, а делумно поради обвинението на Берлускони за наводна даночна измама од судот во Милано.

Тој ги загуби изборите во 1996 година од левицата – но неговата политичка кариера само што почнуваше.

Во 2001 година Берлускони се врати како премиер, на чело на новата коалиција позната како „Куќа на слободите“. Главниот адут на неговата изборна кампања беше ветувањето ремонт на италијанската економија, поедноставување на даночниот систем и зголемување на пензиите.

Но финансиите на Италија страдаа од влошувањето на глобалната економија, а Берлускони не беше во можност да ги исполни своите ветувања. Тој загуби од левицата во 2006 година, но повторно победи во 2008 година.

Остана играч во италијанската политика до 2011 година, која ќе се покаже како една од неговите најтешки години.

Трошоците за задолжување на Италија се зголемија за време на должничката криза во еврозоната. Премиерот ја загуби поддршката и беше принуден да поднесе оставка откако го загуби парламентарното мнозинство.

Истата година, Уставниот суд укина дел од законот со кој нему и на другите високи министри им се доделува привремен имунитет.

До крајот на 2011 година тој остана без власт. Во октомври 2012 година беше осуден на четири години затвор за даночна измама и забрана за вршење јавна функција. Берлускони рече дека е невин и зборуваше за „судски пуч“.

Но дотогаш тој веќе имаше над 75 години и наместо затвор доби општествено корисна работа. Работеше четири часа неделно со постари пациенти со деменција во католички старечки дом во близина на Милано.

Исто така, му беше забрането да извршува јавна функција – забрана што траеше неколку години пред неговото следно враќање.

Бунга-бунга забавите и јавниот приватен живот

Покрај политиката, Берлускони беше на насловните страници и за неговиот приватен живот, кој често беше многу јавен.

Екстравагантниот премиер не го криеше својот афинитет кон помладите жени. Неговата најнова партнерка, партиската колешка Марта Фасцина, е повеќе од 50 години помлада од него. Познато е дека користел трансплантација на коса и пластични операции за да изгледа помладо.

Тој ја запознал својата втора сопруга, Вероника Ларио, откако ја видел како танцува топлес. Таа во повеќе наврати продолжи јавно да ја изразува својата фрустрација од однесувањето на нејзиниот сопруг кон младите жени.

Таа поднесе барање за развод откако нејзиниот сопруг беше фотографиран на 18-тиот роденден на манекенката Ноеми Летиција.

Неговиот најспектакуларен скандал беа наводните забави „бунга бунга“ во неговата вила, каде што доаѓаа танчарки – приказна што заврши со осуда за плаќање на малолетна проститутка за секс.

На крај, се покажа дека во 2010 година, кога Берлускони беше премиер, се јавил во полициска станица и побарал ослободување на 17-годишната Карима „Руби“ Ел Махруг, позната како „Руби Крадачката На Срца“, која била уапсена за кражба. Таа беше и редовен гостин на „бунга бунга“ забавите.

Италијанските медиуми објавија дека премиерот тврдел дека девојчето му е внука на египетскиот претседател, а дека тој се обидува да избегне дипломатски инцидент.

Берлускони беше прогласен за виновен за тоа што ѝ платил за секс и за злоупотреба на власта во 2013 година – но таа пресуда беше поништена следната година.

Од своја страна, Берлускони отсекогаш ги отфрлал тврдењата дека на која било жена ѝ платил за секс, велејќи дека така „се пропушта задоволството на освојувањето“. Но призна и дека „не е светец“.

Пак Форца Италија

Опкружена со проблеми со националниот буџет и заплеткана во лични скандали, партијата на Берлускони помина лошо на локалните избори во 2011 година, губејќи го Милано, неговиот роден град и база на моќ.

Но тој остана популарен, а од победата на националните избори во 2013 година го делеше еден процент од гласовите. На крај, неговата партија се подели – и Берлускони повторно ја лансираше под нејзиното првобитно име, Форца Италија.

Помеѓу неговите изборни порази и забраната да биде на јавна функција поради осуденоста, можеби се чинеше дека неговата политичка кариера е завршена.

Сепак, Форца Италија беше трета на изборите во 2018 година со името на Берлускони прикачено на нејзиниот бренд, зад популистичката, антиестаблишментска Пет ѕвезди и десничарскиот изборен партнер на Форца Италија, Лигата.

Берлускони вети дека „лојално ќе ги поддржи“ напорите на лидерот на Лигата, Матео Салвини, да формира влада – но Лигата одлучи да владее без Форца Италија.

Уште еднаш се чинеше дека политичката кариера на Берлускони можеби е при крај. Но во 2018 година судот пресуди дека тој може повторно да се кандидира за јавна функција – прогласувајќи го за „рехабилитиран“.

Одлуката дојде предоцна за изборите во 2018 година, но во 2019 година вечниот победник во освојувањето гласови објави дека се кандидира за Европскиот парламент. Како главен кандидат на листата на неговата партија, тој лесно си освои место во Европа.

Три години подоцна, тој се врати во италијанскиот парламент, а неговата Форца Италија беше помала партија во десничарската коалиција на Џорџа Мелони.

Злогласна икона

Со својата залижана темна коса и блескавите скандали, Берлускони беше веднаш препознатлив како екстравагантна личност.

Тој, исто така, стана познат по својата спорна смисла за хумор по многубројните сензационални гафови. Во една прилика тој сугерираше дека еден германски пратеник во Европскиот парламент би бил добар чувар во концентрационен логор – а во друга тврдеше дека Мусолини всушност бил безопасен лидер.

Тој рече дека овие изјави биле шеги. Сепак, му беше и долгогодишен пријател на Владимир Путин и за руската инвазија ја обвини Украина, додека неговата сопствена влада цврсто стоеше зад Киев.

Веројатно, неговите критичари најмногу ги разгневуваше неговата вклученост во речиси секој аспект од италијанскиот живот – особено неговата медиумска империја, која според многумина му даваше неправедна предност на изборите.

Многуте Италијанци што гласаа за него неговиот успех како деловен тајкун го гледаа како доказ за неговите способности, причина зошто тој треба да ја води земјата.

Самиот Берлускони ги отфрли тврдењата дека мешањето на бизнисот и политиката е покорисно за него лично отколку за Италија како целина.

„Ако во рамките на грижата за сечии интереси јас се грижам и за своите, не може да стане збор за судир на интереси“, изјави тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ