понеделник, 18 ноември 2024
Киев да користи западни ракети во Русија

Си-ен-ен: Бајденовата одлука тукушто ја ескалира војната што Трамп ќе ја наследи

Одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да ѝ дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел против Русија следи една позната шема, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Белата куќа со месеци одбиваше да го одобри барањето на Украина, стравувајќи од ескалација. Киев гласно го осудува одбивањето и токму кога се чини дека сѐ е изгубено, администрацијата на Бајден го одобрува барањето, вели Си-ен-ен.

Украинските барања за ХИМАРС, тенковите Абрамс, Ф16-ки, следеа слична шема на одбивање и чекање, па одобрување, речиси во момент кога е предоцна.

Дали е предоцна за американските воени тактички ракетни системи, или АТАКМС, да сменат нешто ако погодат цели длабоко на руска територија? Одговорот е сложен и може на некој начин да го објасни колебањето на администрацијата на Бајден да дозволи такво нешто.

Прво, бројот на АТАКМС што може да ги добие Украина е ограничен. Така, дури Киев и да може да удри длабоко во Русија – тоа нема да го промени бојното поле преку ноќ. Белата куќа не ја прецизираше варијантата на АТАКМС за кои ја дала дозволата да бидат истрелувани во Русија, но најдолгиот дострел на ракетата може да биде до 300 километри, според веб-страницата на производителот.

Аналитичарите наведоа стотици руски цели во дострелот на овие проектили, откако администрацијата на Бајден наводно рекла дека руските аеродроми во досегот на АТАКМС ги евакуирале своите јуришни авиони подлабоко во Русија.

Но реално, Украина нема да добие доволно АТАКМС за да го промени текот на војната.

Второ, Украина беше во можност да навлезе подлабоко во Русија користејќи поевтини дронови од домашно производство. Соединетите Држави се согласија да помогнат во финансирањето на развојот на овие уреди, кои се чини дека направија хаос околу аеродромите во Москва и низ руската енергетска инфраструктура.

Трето, дозволата на американските прецизни ракети да напаѓаат подлабоко во Русија е мошне провокативна, вели Си-ен-ен.

Точно е дека Москва сега е прилично слаба воено и веројатно нема да сака отворен конфликт со НАТО или со САД.

Но во одреден момент Кремљ ќе се обиде да ги спречи таквите напади. Московските разузнавачки служби беа обвинувани за саботажа на цивилни цели низ Европа, вклучително и неодамнешните информации дека во авионите за испорака во Европа биле поставени пакети со експлозив.

Бајденовата администрација беше во право кога ја премеруваше практичната корист од ударите од долг дострел наспроти потенцијалната колатерална штета на цивилите во членките на НАТО, доколку Русија се чувствува принудена некако да возврати.

Значи, тоа не беше толку едноставна одлука како што тврдеа некои во Киев, вели Си-ен-ен. Се чини дека главната цел беше да се натера администрацијата на Бајден да се вклучи посилно во војната во Украина – реално да биде побескомпромисна и побезмилосна.

Сепак, Белата куќа сака да нагласи дека нејзината одлука ја поттикнало распоредувањето на севернокорејските трупи во Курск и дека ова е одговорот на САД на ескалацијата од Москва.

Западните официјални лица забележаа дека вмешаноста на Северна Кореја значи дека конфликтот во Украина се шири и станува нешто во кое сега улога имаат индиско-пацифичките противници на САД, што ја прави војната малку поглобална за Америка.

Во очите на Бајден ова е ескалација како одговор на ескалација.

Но фактот што тој толку долго одложуваше поради необичната симболика на давање на оваа дозвола само ја зголемува моќта на одлуката што штотуку ја донесе.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп можеби мисли дека може да зборува за мир, но ќе наследи војна во која ризикот штотуку стана многу поголем, заклучува Си-ен-ен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ