петок, 18 октомври 2024

Швеѓаните фатија уплав од македонските ракометари

Објавено на

часот

Сподели

Шведска има лоши резултати на подготовките: Додер во акција на дуелот со Русија

Повредите на дел од шведските репрезентативци, последниот пораз од Русија на контролката, грешките, но и македонската инвазија на Ниш, за шведската јавност е доволно своите ракометни миленици да ги исклучат од битката за највисок пласман. На последните анкети низ медиумите во Скандинавија, речиси половина испитаници се скептични за настапот на Шведска на ЕП. Медиумите, пак, коментираат дека многуте грешки што ги прават „викинзите“ не се добра најава за настапот во Србија, особено што секогаш на големите настани, првиот меч е пресуден, а тој е најнезгоден за нив – Македонија со 3.000 навивачи зад себе!

„Шведска има фантастични играчи. Четвртото место на СП не беше изненадување, но како играа со Русија и што покажаа на последната подготовка, треба сериозно да не загрижи. Топката премногу долго се држи. Многу технички грешки. Шведска покажа дека формата не е избрусена. Штета од ова нема, но може да ја има. Пробата не успеа, но треба сериозно да сфатиме дека нема ништо лесно на ЕП“, коментира Аса Јосефсон во Спортекспресен.

Швеѓаните имаат чуден стил на навивање

„Колку е сериозно ЕП ќе покаже првиот меч. Ќе биде лудо на почетокот, затоа што првиот меч ќе донесе и најголем притисок од трибините што ќе го создадат Македонците. Не играме со Сан Марино, туку ќе играме три меча каде мечевите ќе бидат 50-50 и ќе бидат тешки. Шведска има повредени, но има и добри играчи за да одговори на тоа“, додава Јосефсон.

Ракометарите на првиот наш противник ја смируваат топката за лошиот настап на последната премиера пред ЕП. Два од трите најдобри стрелци, Јонас Калман и Оскар Карлен сигурно не играат, како и одамна повредениот Екдал Ду Риц, но враќањето на Далибор Додер, Швеѓанецот со српско потекло е најголем плус.

„Не грижете се“, им порача Додер на навивачите.

„Направивме многу технички грешки, но тоа нема да се случи повторно. Во недела ќе биде прекрасно да се игра пред преполна сала, без оглед што таа ќе биде исполнета со Македонци. Но, никогаш ние не слушаме што публиката вика, битно е да се концентрираме на играта“, рече Додер.

За крај, Швеѓаните се присетија на една поговорка, „лоши подготовки, значат одличен турнир“. И Македонија може да се води по таа поговорка, затоа што поразот од Србија и некомплетните тренинзи со првиот пикер Ванчо Димовски, може да бидат изненадување на план на потценување од страна на противниците.

Никола Богојевски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ