„Ветото на Берн веројатно ќе предизвика гнев меѓу европските сојузници на Швајцарија, кои со месеци вршеа притисок врз нејзината влада да го омекне рестриктивно толкување на нејзината долгогодишна политика на неутралност“, смета Фајненшл тајмс.
Тие тенкови никогаш не биле во употреба во Швајцарија, не биле ни наменети за нејзината армија, ниту пак се наоѓаат во таа земја. Сите 96 се чуваат во Италија од 2016 година, кога швајцарскиот производител на оружје Руаг ги купи од италијанската армија во приватна трансакција.
Сојузниот совет, седумчлената извршна власт на швајцарската влада, во средата донесе одлука дека продажбата на 96-те тенкови на Украина не е можна според швајцарскиот закон, бидејќи тоа би било во спротивност со Законот за воен материјал и „би значело отстапување на Швајцарија од политиката на неутралност“.
Иако ваквата одлука е во согласност со претходните одлуки на швајцарската влада, таа сепак е единствена по тоа што во споредба со другите носи најдиректни последици како губење на можниот воен потенцијал на Украина, пишува Фајненшл тајмс.
Дополнително, оваа одлука ја продлабочува дипломатската изолација на Швајцарија во Европа, бидејќи таа, пишува весникот, „се обидува да заштити еден од своите најпочитувани политички принципи – неутралноста, во исто време се обидува да одржува економски врски со Западот претставувајќи се како морален критичар на руската агресија “.
Во октомври минатата година, Швајцарија одби да ѝ дозволи на Германија да ѝ даде на Украина застарена противвоздушна муниција од швајцарско производство, повикувајќи се на клаузулата со која се бара дозвола од Берн за нејзина континуирана употреба.
Фајненшл тајмс пишува дека критичарите веруваат дека ветото за испорака на тенкови „ја нагласува апсурдноста на политиката за извоз на оружје на Швајцарија во реални услови, тие 96 тенкови никогаш не биле ни на швајцарска почва, а биле купени од италијанската армија пред седум години како дел од комерцијалниот бизнис на компанијата Руаг, која сепак планирала да ги обнови и препродаде“.