петок, 25 октомври 2024
Ројтерс

Шумските пожари одземаат животи и го пустошат спржениот Медитеран (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Авионот, кој испушташе вода, се урна на падина во близина на градот Каристос на грчкиот остров Евија, источно од Атина. Загинаа пилотот и копилотот на авионот, соопштија вчера воздухопловните власти.

Грција е особено тешко погодена од пожарите, а властите во последните денови евакуираа повеќе од 20.000 луѓе од домовите и одморалиштата на југот на островот Родос.

Уште еден пожар вчера предизвика привремено затворање на аеродромот во Палермо на јужниот италијански остров Сицилија. Во северна Италија дојде до нагла промена на времето, а интензивното невреме во текот на ноќта уриваше покриви и рушеше дрвја во градовите, меѓу другите и во Милано, пренесе Ројтерс.

Во северните провинции Монца и Бреша, една жена и една 16-годишна девојка загинаа откако врз нив паднаа дрвја, додека еден тинејџер беше тешко повреден кога го удри гранка во регионот Венето.

На југот од земјата, 98-годишен маж, кој бил неподвижен, загинал кога пожар ја зафатил неговата куќа.

Италијанската влада подготви мерки за итна помош за регионите погодени од екстремни временски услови, при што северниот регион Ломбардија, вклучително и Милано, се проценува дека претрпел штета од над 100 милиони евра.

Речиси 100 пожарникари користеа хеликоптери за да се справат со пожарот во француските општини Канје-сур-Мер и Вилнев-Лубе, во близина на меѓународниот аеродром во Ница, соопштија синоќа властите.

Екстремните временски услови направија хаос низ целата планета, а рекордните температури во Кина, САД и јужна Европа предизвикаа разорни шумски пожари, недостиг од вода и зголемен број приеми во болница.

Според студијата на Светската метеоролошка асоцијација, глобален тим на научници што ја испитува улогата на климатските промени во екстремните временски услови, настаните од овој месец би биле „исклучително ретки“ без влијанието на климатските промени предизвикани од човекот.

„Ваквите високи температури во Северна Америка и Европа би биле практично невозможни без ефектите од климатските промени“, вели Изидине Пинто од Кралскиот холандски метеоролошки институт, еден од авторите на студијата. „Во Кина имаше околу 50 пати поголема веројатност тоа да се случи во споредба со минатото.“

Тимот што стои зад студијата проценил дека зголемените концентрации на стакленички гасови го направиле топлинскиот бран во Европа за 2,5 степени потопол отколку што инаку ќе беше. Тие го зголемија и топлинскиот бран во Северна Америка за два, а оној во Кина за еден Целзиусов степен.

Температурите и во јужните делови на Европа вчера надминаа 45 степени, додека на северот на Африка беше уште потопло. Во некои градови во Тунис температурата достигна 49 степени.

Алжир вчера се бореше да ги контролира разорните шумски пожари долж медитеранскиот брег, кои однесоа најмалку 34 животи. Пожарите беа разгорени од силните ветрови и предизвикаа принудно затворање на два гранични премини со соседен Тунис.

Спасување хотел

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека неговата земја е една од оние што се на првата линија во борбата против климатските промени, но дека нема едноставно решение за да се запрат последиците. „Ќе го кажам очигледното: целиот свет се соочува со ова, особено Медитеранот како фокус на климатските промени, нема магичен одбранбен механизам, а ако имаше, веќе ќе го применевме“, рече Мицотакис.

Пожарите ќе ѝ нанесат удар на туристичката индустрија, која е столбот на грчката економија. Туризмот сочинува 18% од бруто домашниот производ и секое петто работно место, со уште поголем удел на островите како Родос.

Лефтерис Лаудикос, чие семејство поседува мал хотел во одморалиштето Киотари на Родос, еден од епицентрите на пожарот изминатиот викенд, рече дека нивните 200 гости, главно од Германија, Британија и Полска, биле евакуирани со изнајмени автомобили.

Тој рече дека неговиот татко, братучед и уште две лица го гаснеле пожарот користејќи вода од блискиот резервоар. „Татко ми го спаси хотелот. Го довикував, но тој не сакаше да замине. Ми рече: Ако заминам, нема да има хотел“.

Малта, уште една популарна медитеранска дестинација за одмор, доживеа серија прекини на струја низ целата земја, што ја погоди нејзината најголема болница.

„Тивок убиец“

Научниците ја опишаа екстремната топлина како „тивок убиец“, кој особено силно ги погодува сиромашните, постарите и болните.

Едно истражување објавено месецов вели дека дури 61.000 луѓе можеби починале во топлинските бранови во Европа минатото лето, што е знак дека напорите за подготвеност не функционираат.

Научниците исто така истакнуваат дека жештината предизвикала и големи штети на посевите и загуба на добиток. Сериозно се погодени посевите на американската пченка и соја, мексиканскиот добиток, јужноевропските маслинки, како и кинескиот памук.

Жителите на Милано вчера го набљудуваа хаосот по драматичното ноќно невреме и ветровите со брзина од над 100 километри на час.

„Сѐ се случи околу 4 или 5 часот утринава, беше многу кратко, но многу интензивно, беа соборени дрвја… ветрот ги откорнал и смачкал“, изјави за Ројтерс очевидецот Роберто Солфрицо.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ