вторник, 22 октомври 2024

Што мислат Русите за војната во Украина?

Војната на Русија против Украина не е само војна на Владимир Путин. За ова спознание во голема мера треба да му се заблагодариме на научниот директор на Центарот Левада, Лев Гудков. Сега тоа е единствениот независен институт за истражување на јавното мислење во Русија. Од почетокот на војната на 24 февруари 2022 година, околу 1.000 соработници на Центарот ги посетуваат куќите и становите низ Русија и им поставуваат на луѓето прашања како ова: „Дали вие лично ги поддржувате акциите на руската армија во Украина или не?“, пишува Дојче веле.

Објавено на

часот

Сподели

Резултатот е изненадувачки. И по 20 месеци брутални борби и тешки загуби во сопствените редови, на тоа прашање со „да“ одговараат 73 отсто од Русите. Заднината на таквите одговори е сложена. Многу луѓе веројатно мислат дека отвореното отфрлање на „специјалната воена операција“, како што официјално се нарекува војната во Украина во Русија, може да биде казниво. Покрај тоа, многу Руси сметаат дека нивна патриотска должност е да ги поддржат своите војници.

Сончев ден во центарот на Москва. Луѓето шетаат по улицата Николскаја, која е украсена со цветни сводови. За тоа време Гудков седи во својата канцеларија во кошула и сако. Има неколку бироа, полици за книги и слики од едреници. Гудков зборува полека и промислено. Повремено станува и ги носи испечатените резултати од најновите истражувања. „За да не кажам нешто погрешно“, вели тој. Гудков на 76 години можел одамна да се пензионира, но Институтот Левада е негово животно дело.

Во 2003 година, Гудков, заедно со социологот Јуриј Левада, кој оттогаш починал, го основал Центарот Левада. И двајцата потоа го напуштиле рускиот државен институт за истражување на јавното мислење Взиом, протестирајќи против зголеменото влијание на Кремљ врз анкетите. Денес, дваесет години подоцна, независните експерти сметаат дека Взиом е компромитиран, додека Левада ужива репутација и на меѓународно ниво.

Точно, има и критичари. Во земја како Русија, каде што, на пример, за „дискредитација“ на сопствената војска се закануваат и драконски казни, речиси е невозможно да се спроведе независно истражување на јавното мислење, велат некои. Многу Руси се плашат да одговорат искрено, вели социологот Григориј Јудин, еден од најжестоките критичари на Левада, во интервју за порталот „Инсајдер“. Освен тоа, многу луѓе што тивко се дистанцираа од политичките настани велат дека немаат мислење. Сето ова ги искривува резултатите, според Јудин.

Империјалистичка идеологија и пропаганда

А сепак, работата на Центарот Левада многумина ја ценат, бидејќи дава барем одреден увид во расположението на едно општество, кое поради недостигот од слобода на мислата и силната репресија сѐ повеќе се претвора во еден вид „црна кутија“.

Во изминатите месеци Гудков и неговите колеги дошле до голем број сознанија – да речеме, дека многу Руси всушност не сакаат војна, но ја сметаат за неизбежна. Така, на пример, повеќе од 70 отсто од испитаниците изјавуваат дека ги поддржуваат постапките на Русија во Украина, а истовремено во истото истражување околу 50 отсто се изјаснуваат за итно почнување мировни преговори. Освен тоа, многумина велат дека војната ги прави да чувствуваат очај, страв и депресија.

„Тоа значи дека овде се репродуцира структурата на двојното размислување“, вели Гудков. „Се работи за различни нивоа. Едно е она што го доживува самиот човек, а друго е колективната перцепција.

Пропагандните наративи им се блиски на многу Руси уште од советско време, вели Гудков. Така, на телевизија постојано се зборува дека Русија е загрозена или дека непријателот се наоѓа на Запад. „Луѓето тоа го апсорбираат уште од училишните денови. За тоа не им треба никаков доказ.“ Секој што се спротивставува на овие наводни вистини брзо почнува да се чувствува исфрлен, вели Гудков. „Претчувството дека ќе бидат отфрлени од заедницата влева страв кај луѓето.“ На крај, заклучува Гудков, многу Руси ја поддржуваат војната против Украина пред сѐ поради стравот од губење на колективниот идентитет.

Друга важна теза на Гудков е дека моќта на шефот на Кремљ, Путин, би била разнишана само кога руските трупи би претрпеле непоправлив пораз во Украина. Кога Гудков кон крајот на 1990-тите, непосредно пред оставката на првиот руски претседател, Борис Јелцин, ги прашал своите сонародници што очекуваат од следниот претседател, одговорите, се сеќава, биле јасни. Се барал излез од економската криза и Русија повторно да игра важна улога во светот.

„Ова убедување дека Русија е голема земја функционира како еден вид компензација за чувството дека земјата е сиромашна, заостаната, неразвиена и банкротирана“, вели Гудков. „Авторитетот на Путин пред сѐ почива на фактот дека тој создаде силна воена машинерија.“

Додека зборува, Гудков делува опуштено, понекогаш речиси резигнирано. Понекогаш се насмевнува, а потоа повторно станува сериозен. „Ситуацијата е многу тешка и ќе се влоши, бидејќи е сосема јасно дека репресивната политика се интензивира“, вели тој, мислејќи на работата на неговиот Центар, кој Русија во 2016 година го означи како „странски агент“ и кој поради оваа стигматизација, мора да се бори за работни налози. Покрај тоа, Гудков забележува дека сѐ повеќе и повеќе луѓе околу него, оние што критикуваат, се апсат. Сепак, тој вели дека не се плаши.

А дали од почетокот на војната имало резултати од истражување што го шокирале? Тешко, одговара Гудков. Со еден исклучок: одговорите на луѓето на прашањето дали се чувствуваат лично одговорни за нападите врз Украина. „Само десет проценти одговорија ‘да’“, вели. „Апсолутното мнозинство воопшто не го ни разбра тоа прашање.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ