понеделник, 18 ноември 2024

Шарл Мишел смета дека во декември ќе има одлука за проширување на ЕУ со некои од земјите на Западен Балкан

На самитот на ЕУ во декември очекувам одлуки поврзани со проширувањето за некои од земјите од Западниот Балкан, согласно извештајот на Европската комисија за усогласеноста на државите кандидати со реформските барања, што се очекува да биде објавен во следните недели. Од Европскиот совет ќе зависи што од извештајот на Комисијата ќе стави на маса, вели Шарл Мишел, претседателот на Европски Совет.

Објавено на

часот

Сподели

Европските лидери на 47 земји утре и задутре ќе се доберат во Гранада, Шпанија. Шарл Мишел пред утрешниот самит најавува моќен сигнал за проширувањето на ЕУ и вели дека средбите во Гранада ќе бидат само увертира пред одлуките за проширување на Унијата на самитот во декември. Порачува дека останува зацртаниот рок за проширување на ЕУ до 2030 година.

Во интервју за португалската агенција Луса, тој вели дека останува на својата изјава од самитот во Блед, кога 2030 година ја постави како цел за идното проширување на ЕУ.

„Останувам на оваа цел и овој рок. Тоа им е јасно на сите. Зошто е важен овој датум? Затоа што тоа е јасен поттик за сите нас да се подготвиме и да ги забрзаме нашите напори. Без датум, имаше заедничка цел, но беше лесно да се одолговлекува и да не се донесат потребните одлуки“, истакна претседателот на Европскиот совет.

Мишел смета и дека на декемврискиот Самит лидерите на ЕУ треба да дадат зелено светло за старт на формални пристапни преговори со Украина и Молдавија.

„Декември ќе биде важен момент. Ќе биде тежок состанок, тежок Европски совет. Не би ги потценил предизвиците. Европскиот совет во декември треба да донесе некои одлуки за Украина, за Молдавија и за тоа дали ќе ги отвориме преговорите“, вели Мишел во интервјуто.

Според него, ЕУ во последниве месеци дала јасни сигнали со тоа што на Украина и додели статус на земја кандидат за членство во Унијата.

„Од Европскиот совет ќе зависи што од извештајот на Комисијата ќе стави на маса, нагласи Мишел, додавајќи дека самиот факт што на неформалниот Самит на Унијата в петок во Гранада европските лидери ќе „разговараат за иднината на ЕУ поврзана со проширување претставува многу моќен сигнал“.

И покрај тоа што и на самитот во Гренада во фокусот ќе бидат ставени Украина и Молдавија, европските пораки се дека земјите од Западен Балкан веќе 20 години чекаат да влезат во ЕУ и дека поради тоа, во регионот расте влијанието на Русија и Кина. 

Фајненшел тајмс објави дека ЕУ изминатиот период работела на студија за да дознае колку Брисел ќе го чини проширувањето на Унијата до 2030 со 9 нови членки. Проценката е околу 256 милијарди евра. Покрај земјите од Западен Балкан, ставени се и Украина, Молдавија и Грузија, а само  за Украина би требало да се одвојат дури 183 милијарди. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ