петок, 25 октомври 2024

Сè потоплиот свет го чека климатизирана иднина

Објавено на

часот

Сподели

Во добро и во зло, клима-уредите гладни за енергија се важна адаптација на сѐ потоплиот свет. Според експертите, на милиони луѓе тие им станаа неопходни за опстанок.

Иако помагаат во спасувањето животи, климатизерите имаат цена – нивните потреби за енергија се огромни.

Клима-уредите се одговорни за емисијата на речиси една милијарда метрички тони јаглерод диоксид годишно од вкупно 37 милијарди емитирани низ светот, според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Овој маѓепсан круг може да се прекине, велат експертите, со зголемување на уделот на обновливите извори на енергија, развивање клима-уреди што бараат помалку енергија и развивање други техники за разладување.

„Има некои вистински пуристи што мислат дека можеме да ги елиминираме, но мислам дека тоа не е изводливо“, изјави за АФП Роберт Дуброу, епидемиолог од Јеил, специјализиран за здравствените ефекти од климатските промени.

Пристапот до климатизацијата веќе спасува десетици илјади животи годишно, а тој број расте, според неодамнешниот извештај на ИЕА, чиј коавтор е Дуброу.

Истражувањата покажуваат дека ризикот од смрт поврзана со топлина е намален за три четвртини за оние што живеат во домаќинства со клима-уред.

Во САД, каде што околу 90 отсто од домаќинствата имаат клима-уред, научниците ја нагласуваат улогата на климатизацијата во заштитата на населението и потенцијално разорниот ефект од исклучувањата струја за време на топлинските бранови.

Сепак, од 3,5 милијарди луѓе што живеат во топла клима низ светот, само околу 15 проценти имаат климатизери.

Бројот на климатизерите во светот, веќе околу две милијарди, вртоглаво ќе порасне со порастот на температурите.

Најголем раст ќе имаат Индија, Кина и Индонезија, првата, втората и четвртата најнаселена земја во светот.

Процентот на домаќинства во Индија опремени со климатизери може да се зголеми од 10 на 40 отсто до 2050 година, според една неодамнешна студија.

Ова, сепак, ќе донесе зголемување на потрошувачката на електрична енергија еднакво на постојното годишно производство на земја како Норвешка.

Ако идната мрежа на Индија користи исто толку фосилни горива како денес, тоа би значело околу 120 милиони тони повеќе јаглерод диоксид годишно – или 15 отсто од сегашните емисии на енергетскиот сектор во земјата.

Проблемите што ги носи засилената климатизација не запираат тука. Клима-уредите користат флуоројаглеродни гасови како средства за разладување, кои имаат топлинска моќ илјадници пати поголема од ЦО2 кога се испуштаат во атмосферата. Во исто време, со испуштањето топол воздух на улиците, климатизацијата придонесува за создавање урбани топлински острови.

Една студија од 2014 година покажа дека топлината што се емитува од системите за климатизација во центрите на градовите ја зголемува просечната температура на воздухот за повеќе од еден степен.

И конечно, поради неговата цена, пристапот до клима-уред може да биде финансиски проблем. Цената на сметките за струја може да ги принуди посиромашните семејства да избираат помеѓу разладувањето и други основни потреби.

Одржливо ладење

Енрика Де Сиана, професорка по економија на животната средина на Универзитетот во Венеција, вели дека климатизерите се неопходни, но важно е да се комбинираат со „комплементарни“ пристапи.

Прво, со продолжување на зголемувањето на производството на обновлива енергија и намалување на фосилните горива, така што енергијата што ја користат климатизерите да доведе до помалку емисии.

Второ, со развивање и вградување поевтини клима-уреди што трошат помалку енергија, на што некои компании веќе работат.

Поголемата ефикасност би ги намалила и ризиците од прекини на електрична енергија поради прекумерната побарувачка. Во врелите денови клима-уредот може да чини повеќе од половина од максималната потрошувачка.

Но, пред сѐ, експертите ја нагласуваат истовремената потреба од мерки за просторно планирање, вклучувајќи повеќе зелени и водени површини, тротоари и покриви што ги одбиваат сончевите зраци и подобра изолација на зградите.

„Треба да постигнеме одржливо внатрешно ладење“, рече Дуброу. Предложените решенија се „многу остварливи“, додава тој, но „нивното спроведување е прашање на политичка волја“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ