петок, 13 септември 2024

Се крадат сообраќајни знаци, капаци од шахти, повторно зачестија кражбите на материјали кои се продаваат на отпад

Сообраќајни значи, капаци од шахти… лим, железо…низ градовите во Македонија повторно зачестија кражбите на материјали кои можат да се продадат во фирмите кои се занимаваат со откуп на отпад. Општина Дебар предупреди на појавата на кражба и уништување на сообраќајните знаци. Жителите на општина Гази Баба пак предупредуваат на украдени капаци од шахти што претставува сериозна опасност по животот на луѓето.

 

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Од општина Дебар велат дека секој случај на кражба на сообраќајни знаци ќе биде пријавен случаите до надлежните органи за преземање соодветни мерки.

„Зачестена е појавата на уништување и кражба на сообраќајни знаци во градот. Случаите ќе бидат пријавени до надлежните органи за преземање соодветни мерки. Да се ​​надеваме дека сторителите ќе бидат пронајдени и ќе ја добијат заслужената казна“, пишува во објавата на општината.

Упатуваат апел до граѓаните наместо да крадат да се грижат и да го штитат општествениот имот.

„Општинскиот инспектор ќе ја пријави оваа појава до надлежните органи за да ги преземат соодветните законски мерки, но најдобра превентивна мерка е високата совесност на граѓаните во однос на зачувувањето на општествениот имот. Стоп на уништувањето“, апелираат од Општина Дебар.

Локалната власт на Дебар предупредува на уште една негативна појава, фрлање секаков отпад каде ќе се стигне.

„Во и до градскиот парк, кого со големо внимание и труд гo уредивме, се фрла постелнина, јоргани, душеци и друг отпад. Каде ни е совесноста?“, прашуваат од општината.

Украдени капаци од шахти на булевар Киро Глигоров се опасност за граѓаните кои се движат во тој реон,предупредуваат жители на Општина Гази Баба. Дел од нив велат дека веќе три години се жалат до Општината ама досега „никој нема слух и не им дал никаков повратен одговор“.

Дел од жителите за оваа појава реагираа на официјалната страница на Општина Гази Баба и веруваат дека крадците може да бидат фатени само треба да се земат снимките од надзорните камери што ги има во тој дел на Скопје.

И тие како и жителите на Дебар покрај кражбите се жалат уште и на несреденоста на делови од Општината во кои, како што велат, се краде, се пали пластика и сѐ што ќе им дојде прирака на несовесните граѓани, се шири смрдеа, „сѐ е руина“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ