вторник, 22 октомври 2024

СДСМ и Алијанса за Албанците се согласни технички премиер да биде Талат Џафери

Ова е договор меѓу ДУИ и СДСМ од почетокот на мандатот. За нас тоа е симболика, секако ќе го поддржиме. Мислам дека секоја албанска партија, па и сите, треба да покажеме широкоградост во овие моменти и да продолжиме понатаму да имаме успешни избори,  изјави Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците, прашан дали е прифатлива за неговата партија одлуката Талат Џафери да биде технички премиер сто дена пред изборите во 2024.

Објавено на

часот

Сподели

Одговарајќи на новинарски прашања, Таравари одговори дека начелно имаат одлука од Централното претседателство на Алијанса за Албанците на парламентарните избори да настапат самостојно.

„Но, овие прашања не се затворени. Централното претседателство на партијата е најзначајниот орган меѓу двата конгреса, таму ќе се одлучи дефинитивно, рече Таравари.

За претседателските избори, пак, рече, не дискутирале дали да имаат свој кандидат за претседател на државата и дека и оваа дискусија треба да ја отворат во рамки на партијата.

„Сите комбинации се можни – и да имаме, и да поддржиме некој друг, ќе видиме. Немаме дефинитивна одлука“, додаде  лидерот на Алијанса за Албанците.

На прашањето дали е точно дека го условуваат гласањето за техничката влада поради член во Државната изборна комисија (ДИК), Таравари одговори дека никого не условуваат.

„Никогаш никого не сме условиле како политичка партија. Сме имале наши ставови, мислам дека не вреди да се зборува. Кој ќе биде член на ДИК одлучува народот на избори. Последните парламентарни избори беа во 2020 година, тогаш народот одлучи Алијанса да има член во Државната изборна комисија. И имаше, но нашиот член во ДИК сега е министер за правда. Наместо него ќе назначиме друга личност. За пет месеци пак ќе има избори и тогаш народот повторно ќе одлучи кој ќе има член во Државната изборна комисија“, додаде Таравари. 

Денеска и СДСМ се изјасни за техничкиот премиер. Сметаме дека Талат Џафери е соодветно и добро решение, изјави  Даниела Маркоска, пратеничка на СДСМ, одговарајќи на прашање дали за нивната партија е прифатлива одлуката на ДУИ актуелниот претседател на Собранието да биде технички премиер сто дена пред изборите што ќе се одржат напролет.

Одговарајаќи на новинарско прашање на прес-конференција, таа рече дека се очекува утре на состанок на Извршниот одбор на СДСМ, закажан од лидерот на партијата и премиер Димитар Ковачевски, нивниот сопартиец Јован Митрески да биде предложен за претседател на Собранието и предлогот да биде потврден од највисокото партиско раководство. 

На прашањето што доколку ВМРО-ДПМНЕ одбие да биде дел од техничката Влада предводена од Талат Џафери и не предложи министри и заменици-министри, Маркоска одгвори дека „нема да им успее ако ДПМНЕ бара алиби за поразот што ги чека на изборите“.

„Деструктивните политики на ДПМНЕ, блокадите, обидите да се закочи земјата, да се блокира Собранието, ги гледаме со години нананзад. ДПМНЕ друго и не знае, бидејќи нема понуда за граѓаните. Не се нешто ново обиди за создавање криза. Како што досега не усепа, така нема ниту овој пат. ДПМНЕ има проблем од друга природа. Но се што трврдеа досега излезе обратно“, рече пратеничката на СДСМ. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ