понеделник, 25 ноември 2024
Ристо Цицонков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Самит за климатски промени, нов (не)успех?

На 12 ноември напишав колумна за годишниот самит за климатски промени (СОР29) во која последната реченица гласи: „Иако конференцијата треба да трае до 22 ноември, вообичаено како во минатите години да се продолжи за еден до два дена заради усогласувања на различните ставови и барања, се прават компромиси за да се донесат заеднички заклучоци. Дали во нив ќе има надеж или нова неизвесност ќе видиме по крајот на овој многу значаен собир“. Сум погодил однапред сé: за продолжувањето на самитот и за разликите и за компромисите, има и надеж, но повеќе има неизвесност.

На конференцијата во Баку биле регистрирани околу 65.000 делегати. Вообичено присуствуваат високи политички претставници, како што се претседатели на држави и влади, министри и др. Но овој пат ги немаше претседателите и премиерите од големите земји, а причината е веројатно актуелната политичка состојба и меѓународните односи во светот. Во позадина е учеството на претставници од разни компании што имаат бизниси со фосилни горива, но и разни граѓански организации.

Почетокот на конференцијата беше одбележан со контроверзен говор на претседателот на земјата домаќин Илхам Алиев кој го обвини Западот за лицемерие. Тој упати силна критика на западните влади кои купуваат гас од неговата земја, а истовремено ја осудуваат нејзината економија заснована на фосилни горива. Уште повеќе, тој ги нападна западните медиуми, климатските активисти и критичарите на азербејџанската нафтена и гасна индустрија, нарекувајќи ги „лицемерни“ бидејќи Соединетите Држави се најголемиот производител на нафта во светот. На крај изјави: „Нафтата и гасот се дар од Бога, исто како сонцето, ветерот и минералите“. Коментар за ова не е потребен. Но кога сме тука, да прокоментирам кратко дека Македонија би била многу среќна како да дојде до гасот од Азербејџан.

Како и на претходните самити повторно имаше спротивставени ставови. Сиромашните земји, кои имаат симболично учество во емисиите на стакленички гасови, а трпат огромни штети од климатските промени, бараа повеќе финансиски средства како помош, но богатите земји си го гледаат својот интерес иако се главните виновници за големите емисии на СО2. Во 2009 година е донесена одлука за помош на земјите во развој од 100 милијарди долари годишно со важност до 2025 година, но во пракса таа не се спроведува целосно.

Главна вест на крајот на самитот е дека е склучен договор сумата за финансиска помош на земјите во развој да биде 300 милијарди долари годишно иако тие предлагаа таа сума да изнесува многу повеќе. Богатите земји го прогласија договорот како успешен, а земјите во развој како неуспешен. Како куриозитет да наведам дека богатството на еден човек со име Илон Маск изнесува 348 милијарди долари.

На самитот e исто така договорено во иднина да се воспостави глобален пазар за купување и продавање на јаглеродни кредити и на тој начин би можело да се мобилизираат милијарди долари повеќе во нови проекти за борба против глобалното затоплување, особено во земјите во развој. Би сакал да потсетам дека со Протоколот од Кјото од 1997 година беше воведена трговија со јаглеродни кредити, но по неколку години вредноста на кредитите падна толку ниско што денес тој механизам речиси не функционира.

Факт е дека последниве години многу се инвестира во користењето на обновливи извори на енергија, претежно од сонце и ветер. Но истовремено сѐ уште се инвестира во нови извори на фосилни горива (нафта и природен гас, дури и јаглен).

Според информации на ООН за климатските промени за 2024 година, моментално светот е на пат да дојде до затоплување од дури 3,1 оС до крајот на овој век, при што глобалните емисии на стакленички гасови и употребата на фосилни горива продолжуваат да растат. Тоа би предизвикало невидени катастрофи на планетата Земја.

Забележливо е дека кај владите на развиените земји глобалното затоплување падна на листата на национални приоритети поради зголемените геополитички тензии, вклучително и руската војна во Украина и проширувањето на конфликтот на Блискиот Исток и зголемената инфлација.

Борбите против климатските промени продолжуваат, но од досегашните искуства гледаме дека бизнис интересите и парите речиси секогаш победуваат. Неизвесноста продолжува.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

Авторот е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)

КОЛУМНИ

Џефри Д. Сакс

Што ја мачи Америка – и кое е решението

Љубомир Николовски

Повеќе од игра: Еволуцијата на платите во НБА

Ѓорѓи Марјановиќ

Сеќавања за Лигата

Александар Стојановски

Во Словачка иницијатива за укинување на санкциите против Русија

Рајко Пеколски

Гушкарина

Стефан Митиќ

Улогата на политичките емоции: Обновување на надежта

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ