Познато е дека членовите на платеничката група се присутни во соседниот Мали. Блинкен рече дека не верува оти Русија или Вагнеровците го поттикнале државниот удар во Нигер. Но, Соединетите држави беа загрижени дека членовите на групата би можеле да дејствуваат во областите на Сахел, изјави Блинкен за програмата Фокус на Африка на Би-би-си.
„Мислам дека тоа што се случи и што сѐ уште се случува во Нигер не беше поттикнато од Русија или групата Вагнер, туку… тие се обидоа да ја искористат ситуацијата. Смртта и уништувањето доаѓаа каде и да пристигнаа платениците на Вагнер, а несигурноста само се зголеми, не се намали“, рече Блинкен.
Тој додаде дека „тоа што се случи се повторува и во други земји каде Вагнеровците со себе донесоа само лоши работи“. Се верува дека Вагнер има илјадници свои борци во голем број земји, вклучително и Централноафриканската Република и Мали. Таму имаат профитабилни деловни интереси, но во исто време ги зајакнуваат дипломатските и економските врски на Русија.
Членовите на оваа група се обвинети за масовно кршење на човековите права во неколку африкански земји. И покрај тоа, се шпекулира дека армијата на Нигер побарала помош од Вагнер бидејќи земјата се соочува со можност за воена интервенција.
ЕКОВАС, трговски блок кој се состои од 15 земји од Западна Африка, на лидерите на хунтата им даде рок до недела да се повлечат и да го вратат претседателот Базум на власт, но тие го „игнорираа“ крајниот рок, па ЕКОВАС треба да одржи состанок во четврток за да одлучи што да прави.