недела, 24 ноември 2024

САД: Кина вети дека нема да испраќа оружје во Русија

Објавено на

часот

Сподели

„Ние, како и другите земји, добивме гаранции од Кина дека не испраќала и нема да испраќа смртоносна помош на Русија за употреба во Украина“, изјави шефот на американската дипломатија за новинарите по дводневните разговори во кинеската престолнина.

„Не видовме докази за спротивното. Но, она што сè уште не загрижува е можноста кинеските компании да ја снабдуваат Русија со технологија што таа може да ја користи за да ја продолжи својата агресија против Украина, додаде тој, повикувајќи ја кинеската влада да биде „внимателна“ во врска со тоа прашање.

Блинкен рече дека кинеските ветувања биле дадени „во текот на изминатите недели“, не само за време на неговата посета. Вашингтон претходно изрази загриженост за можноста Кина да ѝ испрати оружје на Русија.

Тврдејќи дека е неутрална во конфликтот, Кина повикува на почитување на суверенитетот на државите, вклучително и на Украина, но никогаш јавно не ја осуди воената агресија на Русија против таа земја. Кинескиот претседател Си Џинпинг го поздрави „напредокот“ и изнаоѓањето на „заеднички јазик“ меѓу Пекинг и Вашингтон, поради тензиите меѓу двете земји.

„Двете страни постигнаа напредок и најдоа заеднички јазик за неколку специфични точки“, рече претседателот Си, без да прецизира кои точки, во обраќањето што го емитуваше кинеската државна телевизија.

„Се надевам дека посетата на Блинкен ќе донесе позитивни резултати за стабилизација на кинеско-американските односи“, истакна Си.

Дека двете сили сакаат да ги „стабилизираат“ односите потврди и самиот Блинкен, но призна дека има многу несогласувања. „Немаме илузии за предизвиците за управувањето со овој однос. Има многу прашања за кои длабоко дури и жестоко не се согласуваме“, рече американскиот државен секретар.

Средбата меѓу Си и Блинкен се одржа на втората и последна посета на државниот секретар на Кина, а прва во последните пет години.

Покрај прашањето за Тајван, Пекинг и Вашингтон се расправаат и за низа други прашања, поради што билатералните односи остануваат напнати.

Меѓу нив се издвојуваат технолошките војни, американските санкции против кинеските дигитални гиганти, трговските прашања, третманот на муслиманската заедница Ујгур и кинеските претензии за Јужното Кинеско Море.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ