сабота, 26 октомври 2024

САД до Украина: Престанете да ги напаѓате руските рафинерии, ќе предизвикате одмазда

Вашингтон му рекол на Киев дека нападите со беспилотни летала ризикуваат да ги зголемат цените на суровата нафта и да предизвикаат одмазда, објави денеска Фајненшл тајмс, цитирајќи луѓе запознаени со ова прашање.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Соединетите Држави ја повикаа Украина да ги запре нападите врз руската енергетска инфраструктура и предупредија дека нападите со беспилотни летала може да предизвикаат одмазда и да ги зголемат глобалните цени на нафтата.

Постојаните предупредувања од Вашингтон биле упатени до високи функционери на украинската служба за државна безбедност, СБУ, и нејзиниот воен разузнавачки директорат, познат како ГУР, рекле изворите на Фајненшл тајмс.

Едно лице рекло дека Белата куќа станува сè пофрустрирана од дрските напади на украински беспилотни летала што ги погодуваат рафинериите, терминалите, магацините и складиштата низ западна Русија, наштетувајќи му на нејзиниот капацитет за производство на нафта.

Нападите придонесоа за пораст на цената на нафтата, која порасна за речиси 4 отсто од 12 март, кога Украина почна да ја напаѓа руската енергетска инфраструктура.

Русија останува еден од најважните светски извозници на енергија и покрај западните санкции врз нејзиниот сектор за нафта и гас, вели Фајненшл тајмс. Цените на нафтата оваа година се зголемија за околу 15 отсто, на 85 долари за барел, зголемувајќи ги трошоците за гориво токму во моментот кога американскиот претседател Џо Бајден ја почнува својата кампања за реизбор.

Понатамошниот пораст на цените на бензинот во Соединетите Држави ќе го ослабне рејтингот на американскиот претседател и ќе ги поткопа неговите изгледи за реизбор.

Вашингтон, исто така, е загрижен дека ако Украина продолжи да ги погодува руските објекти, меѓу кои и голем број оддалечени стотици километри од границата, Русија би можела да возврати со напад на енергетската инфраструктура од која зависи Западот.

„Ние не охрабруваме ниту овозможуваме напади во Русија“, рекол портпаролот на Националниот безбедносен совет. ЦИА одбила да коментира. Во Киев, портпаролот на СБУ одбил да коментира. Официјални лица во ГУР и канцеларијата на Зеленски не одговориле на барањата за коментар.

И Русија и Украина користеа беспилотни летала за напад на клучните инфраструктури, воени инсталации и концентрации на војници во повеќе од двете години војна, при што Киев во последните месеци ги напаѓаше руските рафинерии и енергетски објекти.

Русија денеска го изврши својот досега најголем напад со ракети и беспилотни летала врз енергетската инфраструктура на Украина, погодувајќи ја најголемата брана во земјата и предизвикувајќи прекин на електричната енергија во неколку региони, соопштија властите во Киев.

Украинската државна хидроенергетска компанија соопшти дека во рускиот напад била погодена најголемата брана во Украина, ДнипроХЕС во Запорожје, но дека нема опасност од пукање, а зафатена е и електроенергетската инфраструктура во другите региони.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ