Во регионот на Дњепропетровск едно лице загина, а четворица се ранети во руски ракетен напад, изјави гувернерот на регионот Серхеј Лисак. Според неговите зборови, двајца од ранетите се во критична состојба, пренесува Ројтерс. Во утринскиот ракетен напад, украинската противвоздушна одбрана собори 14 од 19 истрелани ракети, изјави воениот портпарол Јуриј Ихнат.
Ракетите биле соборени во областа надвор од Киев и централниот регион Дњепропетровск. Според шефот на регионалната воена администрација, Олег Синехубов, градот Харков во источна Украина „беше шест пати погоден“. Првите информации укажуваат дека руските сили користеле ракети С-300 во нападот, пренесува Франс прес.
„Станбените згради претрпеа оштетувања“, рече Синехубов. Нападот врз градот го потврди градоначалникот Игор Терехов. Ден претходно беше нападнат рудник за јаглен во Торецк, на северот на Доњецк, соопшти Министерството за енергетика.