Се додава дека е погодена инфраструктура во пристаништето во областа на Одеса, терминали за жито и нафта, оштетени се цистерни и опрема за товарење, а дошло и до пожар, пренесува Интерфакс Украина.
Засега нема информации за повредени.
Армијата соопшти дека е погоден индустриски објект, во кој е повреден еден работник, а погодени се и два магацини на различни локации.
Јужната команда на украинската армија тврди дека инфраструктурата била погодена од руски ракети оникс и Х-22 и дека украинските сили ги собориле сите 12 ракети калибар, лансирани од Русите.
„Една од најстрашните ноќи“
Синоќешниот руски воздушен напад врз Одеса беше „една од најстрашните ноќи“ од почетокот на војната, изјави градоначалникот на јужниот украински град.
„Не се сеќаваме на таков напад од почетокот на инвазијата“, рече градоначалникот Хенадиј Труханов на Фејсбук. Немаше жртви, но градот беше потресен од серија експлозии, а неколку луѓе беа повредени од остатоци од соборена руска ракета, соопштија официјални лица.
„Праведниот гнев нѐ прави уште посилни! Благодарни сме ѝ на противвоздушната одбрана. Тоа беше жестока воздушна битка“, рече Труханов.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија втора ноќ по ред ја гаѓала Одеса со проектили и дронови шахед. Нападите на црноморскиот град доаѓаат откако Москва се повлече од клучниот договор за жито оваа недела, што наиде на осуда од Украина, САД и нивните сојузници.
Во објава на Телеграм, Олех Кипер, шеф на воената администрација на регионот Одеса, рече дека пожари избувнале откако руските напади погодиле силос за жито и нафтен терминал и други индустриски капацитети. Неколку цивили, меѓу кои и едно деветгодишно момче, се повредени откако противвоздушната одбрана собори крстосувачка ракета, рече тој.