недела, 27 октомври 2024

Русија се сомнева во тврдењата за терористичкиот напад: „Американци, сигурни ли сте дека е ИСИС?“

Русија денес фрли сомнеж на тврдењата на Соединетите Американски Држави дека џихадистичката група Исламска држава е одговорна за оружениот напад на концертната сала во предградието на Москва во кој загинаа 137 луѓе а повредени се уште 182, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во најсмртоносниот напад во Русија во последните две децении, четворица напаѓачи успеале да влезат во Крокус сити хол во петокот вечерта, пукајќи во луѓето непосредно пред групата Пикник од советско време да го изведе својот хит „Уплашен од ништо“.

На четворицата мажи им е одреден притвор за тероризам. Тие се појавија одвоено во кафезот во московскиот окружен суд Басмани.

Исламска држава ја презема одговорноста за нападот, а САД јавно кажаа дека веруваат дека милитантната група стои зад нападот. Исламска држава објави и, како што тврди, снимки од нападот.

Американските власти кажаа дека ја предупредиле Русија на разузнавачки податоци за веројатен напад претходно месецов.

Но, претседателот на Русија Владимир Путин не ја спомна јавно исламистичката милитантна група во врска со нападот, а за напаѓачите кажа дека се обидувале да избегаат во Украина.

Путин кажа дека некои луѓе на „украинска страна“ биле спремни напаѓачите да ги префрлат преку границата.

Киев негираше каква било улога во нападот, а украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Путин дека се обидува да ја сврти вината за нападот на концертната сала прозивајќи ја Украина.

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова ги доведе во прашање тврдењата на САД дека зад нападот стои Исламска држава, која некогаш имаше контрола врз делови од Сирија и Ирак.

„Внимание – прашање до Белата куќа: Дали сте сигурни дека е ИСИС? Можете ли уште еднаш да размислите за тоа?“, порача Захарова во колумна во весникот Комсомолскаја правда.

Захарова кажа дека САД ја шират верзијата на „баукот“ на Исламска држава за да ги прикријат своите „штитеници“ во Киев и потсети дека Вашингтон ги поддржува „муџахедините“ кои се бореа против советските сили во 1980-тите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ