сабота, 26 октомври 2024

Русија го додаде „ЛГБТ-движењето“ на својата терористичка листа

Банките сега се обврзани да ги замрзнат средствата и да ги суспендираат услугите за лица и групи поврзани со групацијата, за што критичарите велат дека е тешко да се дефинира.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Руската Федерална служба за финансиски мониторинг (Росфинмониторинг) ја прошири својата листа на лица и организации за кои се смета дека се вклучени во екстремистички активности или тероризам со „меѓународното ЛГБТ-социјално движење и неговите структурни единици“. Ажурираната листа може да се најде на веб-страницата на агенцијата.

Во ноември минатата година Врховниот суд на земјата ја потврди одлуката на Министерството за правда „меѓународното ЛГБТ-движење“ да се прогласи за екстремистичко. Судиите, исто така, одлучија дека неговите структурни делови одговараат на истиот опис и ги забранија – потег за кој претставниците на геј-заедницата рекоа дека стравуваат дека ќе доведе до нивно сузбивање.

Претходно оваа недела, судот нареди апсење на администраторот и на уметничкиот директор на геј-бар во градот Оренбург, откако беа обвинети за кршење на забраната за ЛГБТК-„пропаганда“.

Според законот, банките се обврзани да ги замрзнат средствата на лицата вклучени на списокот и да ги прекинат услугите за нив. Сепак, критичарите тврдат дека не постои конкретна меѓународна ЛГБТ-групација и дека од таа причина формулацијата е тешко да се протолкува.

Списокот на Росфинмониторинг вклучува повеќе од 14.000 луѓе и субјекти означени како екстремисти и терористи. Тие се движат од Ал каеда, ИСИС и талибанците, до украинскиот баталјон Азов и движењето на сега покојниот руски опозиционер Алексеј Навални.

Според извори на Интерфакс, законот „не влијае на правото на граѓаните на приватност и нема да повлекува никакви негативни правни последици“. Ограничувањата се поврзани со потребата да се почитува забраната за ЛГБТ-пропаганда, рекламирање, привлекување интерес и вклучување во ЛГБТ-движењето, пренесе медиумот.

Во 2022 година Русија ја прошири постоечката забрана за „ЛГБТ-пропаганда“ пред малолетните лица, со тоа што целосно ја забрани. Претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин, тогаш рече дека забраната ќе ги заштити „нашите деца и иднината на земјата од темнината што ја шират САД и европските држави“.

Претседателот Владимир Путин минатиот месец рече дека властите немаат проблеми со она што членовите на заедницата го прават во својот личен живот, сè додека „не се фалат“ јавно и не вклучуваат деца.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ