вторник, 22 октомври 2024

Ројтерс: Сино-жолто знаме, мртви руски војници, Украина напредува на југ

Објавено на

часот

Сподели

Новинарите на Ројтерс во вторникот добиле пристап до новоослободеното украинско село Нескучне, потврдувајќи дека украинските сили напредуваат во раната фаза од контраофанзивата против руската инвазија.

Ниту еден единствен жител не можеше да се види во Нескучне, вели Ројтерс, едно од групата населени места на брегот на реката Мокри Јали, за кои Украина тврди дека ги освоила при напредувањето кон југ.

Украинските војници се возеа низ калливите улици на тенкови и камиони. Над нив леташе воен авион, известува Ројтерс.

„Пред три дена руските сили сè уште беа тука. Ги избркавме од Нескучне. Слава на Украина“, вели Артјом, припадник на украинската единица за територијална одбрана.

Оштетени се речиси сите претежно еднокатни и двокатни куќи во селото, кое пред руската инвазија имало неколку стотици жители. Освен звукот на артилерија во далечината, во селото владееше тишина, вели Ројтерс.

Новинарите на британската агенција виделе најмалку тројца загинати руски војници на улицата, од кои едно тело, прекриено со муви, лежело до напуштено руско воено возило.

„Пред три дена го ослободивме Нескучне. Преку дрон гледавме како беше убиено ова момче. Неговите соборци прво го носеа, а потоа го оставија тука“, рече Артјом.

Ова е прва независна потврда за напредувањето на украинските сили во областа, вели Ројтерс, на околу 90 километри југоисточно од градот Доњецк, едно од неколкуте упоришта каде што украинската војска се обидува да ги пробие руските линии во првите денови од долго чеканата контраофанзива.

Први денови на контраофанзивата

Украина се држеше на одбранбени позиции во текот на седумте месеци руска зимска и пролетна кампања, која донесе мал напредок, вели Ројтерс. Претседателот Володимир Зеленски во вторникот вечерта даде нов број на жртвите од руски ракетен напад врз станбена зграда и магацини во неговото родно место Кривји Рих во централна Украина – 11 загинати и повеќе од 30 повредени.

Од друга страна, Русија имаше многу месеци за да подготви повеќеслојна одбрана, што значи дека напредокот на Украина не е нужно пробив низ првата линија на фронтот.

Откако седум дена не даваше никакви информации за офанзивата, Украина во понеделникот објави дека досега повторно освоила седум населени места. Војниците напредувале 6,5 километри и окупирале 90 квадратни километри територија долж линијата на јужниот фронт, која се протега на 100 километри, рече заменик-министерката за одбрана Хана Малијар.

Путин: Да се ​​вратиме во Киев?

Русија вели дека Украина нема никаков напредок, а претседателот Владимир Путин вчера изјави дека засега не смета дека има потреба од нова мобилизација на борци за да се спротивстават на украинската контраофанзива почната минатата недела.

„Денес нема таква потреба“, рече Путин. Но додаде дека секоја понатамошна мобилизација ќе зависи од тоа што сака Русија да постигне во она што тој го опишува како „специјална воена операција“ во Украина.

Повеќе од 15 месеци откако Путин испрати војници во Украина, руските и украинските сили сѐ уште се борат по линијата на фронтот долга 1.000 километри, иако далеку од главниот град Киев.

Руските сили се обидоа, и не успеаја, да го освојат Киев во првите часови и денови откако почна инвазијата на 24 февруари лани.

Зборувајќи на руската државна телевизија, Путин рече дека е соочен со прашање на кое само тој може да одговори – дали Русија треба повторно да се обиде да го освои Киев?

Тој вчера повторно се закани дека ќе ја повлече Русија од договорот за жито во Црно Море, чија цел е да ја олесни глобалната криза со храна, влошена со инвазијата, велејќи дека Западот ја измамил Москва. И Русија и Украина се главни извозници на земјоделски производи, вели Ројтерс.

„Сега размислуваме да излеземе од овој договор за житото“, рече Путин. „За жал, уште еднаш бевме измамени – ништо не беше направено во однос на либерализацијата на снабдувањето со нашето жито на странските пазари.“

Договорот постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција ќе истече на 17 јули доколку Русија не се согласи да го продолжи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ