петок, 18 октомври 2024

Роденденот на Ким Јонг Ун државен празник?

Објавено на

часот

Сподели

Лидерот на Северна Кореја Ким Јонг Ун денес ќе го прослави својот прв роденден како претседател. Аналитичарите сѐ уште не знаат дали ќе има државна прослава со цел да се зацврсти моќта на новиот водач на Демократска Народна Република Кореја (ДНРК), кој застана на чело на земјата по смртта на неговиот татко Ким Јонг Ил кон крајот на минатата година.
На севернокорејските календари за 2012 објавени пред смртта на Ким Јонг Ил роденденот на неговиот најмлад син не е обележан како празник. Но откако Ким Јонг Ун ја наследи врховната власт во ДНРК, ситуацијата може да се смени. Одговорните лица на државата најверојатно нема да сакаат да одржат масовна церемонија поради фактот дека пред нецели две недели беше одржан погребот на претходниот лидер. Сепак, експертите веруваат дека Пјонгјанг во некоја форма ќе ја почне традицијата на прославување на роденденот на Ким Јонг Ун како државен празник.
Дополнителна интрига е недостигот од точни информации за возраста на новиот водач на земјата. Според разни извори, тој има меѓу 26 и 28 години. Одредени експерти сугерираат дека властите во Северна Кореја може да прогласат дека Ким Јонг Ун полни 30 години, за да ја нагласат мистичната поврзаност со неговите татко и дедо – основачот на државата, Ким Ил Сунг. Во 2012 Ким Јонг Ил ќе наполнеше 70, а Ким Ил Сунг – 100 години.
Најмладиот син на Ким Јонг Ил – Ким Јонг Ун беше прогласен за врховен командант на воените сили на ДНРК. Медиумите во Северна Кореја веќе го нарекоа синот на починатиот лидер „извонреден водач на партијата, на армијата и на народот на ДНРК“. Според аналитичарите, Ким Јонг Ун наскоро ќе стане и генерален секретар на Работничката партија на Кореја и претседател на Националната комисија за одбрана на ДНРК.
Култот на личноста околу Ким Јонг Ун е засилен по смртта на неговиот татко. Тој беше поздравен како „велик наследник на револуционерната кауза Чуче (интересот на Кореја секогаш на прво место)“, „извонреден лидер на партијата, на армијата и на народот“, „почитуван другар што е идентичен со врховниот командант Ким Јонг Ил“ и претседател на погребниот комитет на Ким Јонг Ил. Корејската централна новинска агенција веќе го опиша Ким Јонг Ун како „голем човек роден на небото“, пропаганден термин што досега го уживаа само неговите татко и дедо.
Официјално, Ким Јонг Ун е дел од триумвиратот што ја води извршната власт на Северна Кореја заедно со премиерот Чо Јонг Рим и претседателот на парламентот Ким Јонг Нам (нема сродство). Секој номинално има третина од претседателската моќ од повеќето претседателски систем. Ким Јонг Ун ги предводи армиските сили, Чо Јонг Рим владата и Ким Јонг Нам надворешните работи. Реално, сите знаат дека Ким Јонг Ум, како и неговиот татко пред него, има апсолутна контрола над власта и државата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ