петок, 18 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Реципроцитет

Сите тие по правило се спротивни на библиските начела „Кој тебе со камен, ти него со леб“ или „Кога некој ќе ти удри шамар, подмести го и другиот образ“.

Во меѓународните односи, а секако и во дипломатијата како нивна артикулација, реципроцитетот претставува принцип кој за разлика од Библијата предвидува казните или бенефициите што една земја ги поставува или дава на друга, да бидат соодветно возвратени. Со добра причина.  Ова е еден од темелните принципи на кои почива меѓународниот правен поредок, како рефлексија на самостојноста, интегритетот и дигнитетот на секоја држава. Притоа, и факторот време може да биде применет тактички, односно да биде возвратено веднаш, главно со помал интензитет (како што е на пр. реципрочно бркање дипломати) или пак подоцна, па државата која „ви згрешила“ индиректно да дојде до заклучок дека сторила грешка која скапо ќе ја плати.

Како и во многу ситуации на самоволие без да го слушнат гласот на народот, нашата Влада и Министерството за надворешни работи се решија да влезат во експеримент од типот „Што повеќе дадеме, тоа повеќе ќе добиеме за возврат“. Но, при тоа заборавија дека тоа може да се однесува само на случај на возвратното дејствие, а не на иницијалното, како што тие си замислиле.

Огромен е ризикот кога веднаш во старт ја препуштате топката на противникот и во таква ситуација најверојатно е дека тој ќе ве набие во вашиот шеснаесетник и ќе ви даде гол. Во случајот со Грција, кога се изнаигра, таа топката ја подаде или препушти на Бугарија која нè чекаше час да поентира со ветото за започнување преговори за членство на Македонија во ЕУ. Сега топката веќе одамна е во ЕУ и многу е тешко да биде вратена во наш посед, за да се избориме за поволен резултат. Барем со оваа Влада тоа е невозможно и покрај предизборниот наплив на викенд патриотизам.

Од медиумите разбравме, а МНР не го демантираше тоа,  дека во моментот се водат тајни дипломатски преговори за префрлување на затворените припадници на терористичката група, која пред точно осум години од кумановското Диво насеље се обиде на крвав начин да ја дестабилизира Македонија, казната да ја дослужат во друга држава, односно во Косово наместо во Македонија. Без оглед што тие ја нападнале македонската држава и се директно одговорни за смртта на осуммина македонски полицајци. Не е јасно според кој принцип и поради кои причини се разговара за преместувањето на овие затвореници на Косово, каде што инаку, загинатите припадници на терористичката група беа славени и погребани со највисоки државни почести.

Имајќи предвид дека Косово со години одбива да ги испорача осомничените за грозоморната егзекуција на деца на Смилковско Езеро, целосно е нејасно зошто Владата и МНР не го применуваат принципот на реципроцитетот кој треба да ја штити државата. Какво е тоа давање отстапки пред да биде исполнето нашето барање за испорачување на двајцата осомничени од Смилковци. Чии интереси застапува нашето државно раководство?

Македонското малцинство е обесправено во неколку соседни земји, вклучително и Бугарија, која не го признава националниот идентитет, јазик и култура на македонското малцинство. Едноставно, со декрет им ги одзеде стекнатите права од 1950-те години и се обидува да ги избрише од лицето на светот. Како да е тоа можно. И во едни такви услови на фрапантна асиметричност, нашата Влада и МНР уште еднаш, на снисходлив и лигав начин пропуштаат да го применат основниот принцип во дипломатијата – реципроцитетот. Напротив, тие се залагаат бугарското малцинство да биде внесено во македонскиот Устав, прифаќајќи ја уцената тоа да стане прв услов за нашата европска интеграција, а како ѓавол од крст бегаат од прашањето за положбата на македонското малцинство во Бугарија. Навистина, чии интереси застапува нашето државно раководство и МНР како негов експонент?

Реципроцитетот постои во меѓународната политика и се применува токму заради заштитата на националните добра и интереси. Свесното откажување од неговата примена сериозно го доведува во прашање легитимитетот на Владата во заштитата на националните интереси на Македонија и го поставува прашањето чии интереси таа застапува?

                                                                                                                   Зоран Дабиќ, амбасадор

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ