вторник, 26 ноември 2024
Претседателските кандидати за МКД.мк

Реакции – Сребреница и Отворен Балкан! Крупни одлуки ѝ наметна Османи на техничката влада

Немир во домашната јавност и силен одек во регионот, а особено во Србија, има вчерашната изјава на Бујар Османи, искажана на прес-конференција во МНР во својство на министер за надворешни работи, дека Македонија, заедно со САД, Германија и други држави е коспонзор на резолуција во Обединетите нации за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница од 1995 година. Не требаше многу да се чека, па истиот ден остро реагираше министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој оцени дека станува збор за дрска и антисрпска изјава. Но Османи не смета дека Србија треба да се лути, туку ѝ даде и совет самата да се приклучи на резолуцијата со цел да расчисти со минатото. Османи како технички министер уште и најави дека на Владата ќе ѝ предложи да донесе одлука за излегување од иницијативата Отворен Балкан. Инаку, по дефиниција, техничката влада не треба да носи крупни одлуки. За овие прашања побаравме изјави од претседателските кандидати.

Објавено на

часот

Сподели

Дали СДСМ е консултирана како владејачка партија за двете одлуки што ги искажа Османи? Како министрите од редот на социјалдемократите ќе се произнесат за идејата Македонија да излезе од Отворен Балкан? Овие прашања МКД.мк ги упати до СДСМ. Воедно, МКД.мк го праша Стево Пендаровски, како актуелен претседател, дали е консултиран и дали дал согласност, конечно, како ги оценува одлуките на министерот и дали тие ќе влијаат на односите со Србија, земја со која имаме пријателски односи, бидејќи станува збор за прашања од надворешната политика каде што тој има надлежности.

„Ставот на претседателот Пендаровски во однос на извршениот геноцид во Сребреница е јавно познат и тој е на линија на пресудите што ги имаат донесено Меѓународниот суд на правдата и Хашкиот трибунал за поранешна Југославија по ова прашање. Актуелната предлог резолуција е поведена од страна на неколку земји, меѓу кои и нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави. Претседателот Пендаровски смета дека земјите од Западниот Балкан треба конечно да ги затворат тие трагични историски поглавја затоа што заслужуваат европска иднина и економски просперитет“, се вели во одговорот за МКД.мк од кабинетот на претседателот на Македонија.

Во врска со иницијативата Отворен Балкан и дали Османи се консултирал со претседателот на Македонија, од кабинетот на Пендаровски кусо ни одговорија:

„Поради изборниот период нови консултации не се правени“.

Од неговиот кабинет само кусо нагласија дека е познат ставот на Пендаровски. Со други зборови, тоа треба да значи дека секое интегрирање е добро, но дека тој цени оти без влез на сите шест држави од Западниот Балкан иницијативата Отворен Балкан не може да биде целосно успешна.

Паметиме дека Отворен Балкан беше идеја што ја реализираа претседателот на Србија, Александар Вучиќ, поранешниот премиер на Македонија Зоран Заев и премиерот на Албанија, Еди Рама. Тие вложија многу енергија, имаа многу средби и ги релаксираа односите меѓу трите земји, членки на Отворен Балкан. Како нов премиер Димитар Ковачевски ја прифати иницијативата, па и се запеа песна на „Винската визија“ во Белград со чашки вино со Вучиќ и Рама. Иницијативата започна во 2019 година како „мини шенген“, а две години подоцна името си го доби на состанокот во Скопје. Резултираше со слободно движење на граѓаните само со лична карта, донесе трговски и царински олеснувања и финансиски го зголеми обемот на трговската размена, но и донесе битна новина, а тоа е можност за вработување со работна дозвола во една од трите земји без посебни процедури или менување на државјанство.

Се разбира дека Србија во време кога се бори на светските политички фронтови за многубројни прашања, повеќе ја здоболе идејата за резолуција за Сребреница, толкувајќи дека самата Србија и српскиот народ се прогласуваат за геноцидни, воедно реагирајќи дека таква резолуција не постои ниту за Јасеновац од Втората светска војна, ниту за случаите на масовни убиства на српски цивили во војната од деведесеттите години.

Освен на Пендаровски, истите прашања им ги поставивме и на останатите кандидати за функцијата шеф на државата, со исклучок на Османи, кој е и поводот за реакциите и кој имаше прес-конференција, а одговорите ги пласираме по редоследот на гласачкото ливче.

„Како ја оценувате одлуката што ја соопшти Бујар Османи како министер за  надворешни работи според која Македонија е коспонзор на резолуцијата за Сребреница? Како таа одлука ќе влијае на односите со Србија со која имаме пријателски односи? И, како ја оценувате исто така неговата изјава дека ќе ѝ предложи на Владата да се донесе одлука за излегување на Македонија од иницијативата Отворен Балкан?“, се прашањата на МКД.мк до Гордана Сиљановска Давкова, Стевчо Јакимовски, Билјана Ванковска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски.

Гордана Сиљановска Давкова смета дека така крупни одлуки не може да се носат без пошироки консултации и без консултација со шефот на државата. На двете прашања на МКД.мк претседателската кандидатка даде единствен одговор.

„Како претседател во надворешната политика ќе градам консензус. Исто така, мојата надворешна политика ќе биде целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и со меѓународното право, а посебно пресудите на Меѓународниот суд на правдата, Европскиот суд за човекови права, Комисијата за човекови права на ООН и Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија. Ќе инсистирам на постигнат консензус во Собранието и соодветна собраниска декларација пред да се пристапи кон вакви крупни чекори во надворешната политика. Бујар Османи мора да се консултира со претседателот, со Собранието, со експертската јавност. Не може посредно да дознаваме за сериозни одлуки што може да имаат сериозни последици за нашата држава“, ни изјави Сиљановска Давкова.

За претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски изјавите и намерите на Бујар Османи како министер се уште една потврда дека самостојно политика не се води и дека како претседателски кандидати треба да се соочат на дебати и пред јавноста да се расчистат многубројни прашања.

„Господинот Бујар Османи ме изненадува со своите изјави, но не е првпат да прави вакви излети, како на пример со изјавата дека тој не сака да седи на дебата со националисти. Во врска со изјавата за Сребреница може да се каже: свој леб јаде, туѓо гајле бере“, ни изјави Јакимовски.

На прашањето кој е неговиот коментар за намерата на Османи Македонија да излезе од Отворен Балкан, Јакимовски вели:

„Дали го слушнавте Османи да каже нешто добро за граѓаните на Македонија? Па што има лошо за граѓаните на Македонија во иницијативата Отворен Балкан, која овозможува да се патува само со лична карта, овозможува вработувања, го поврзува Балканот? Зарем ќе седиме во вечно заробеништво на Европа? Напротив, сите земји од Балканот треба да се поврзат и економски, трговски и политички, да се укинат царините и да нема царински бариери. Како Балкан треба да дадеме заеднички одговор на лошата политика кон нашите земји. Јас како кандидат за претседател не сум среќен што Албанија е блокирана на патот кон ЕУ под смешен изговор дека еден градоначалник, по потекло Грк, бил уапсен. Всушност, треба да се заложиме за подобра интеграција на Балканот и мислам дека Османи во отсуство на каква било идеја за надворешна и внатрешна политика кажува вакви смешни работи од кои Македонија нема никаков бенефит. Еве, ако излеземе од Отворен Балкан, кој ќар ќе го имаме како Македонија? Ете, тоа е причината зошто треба да имаме дебати. Ако интеграциските процеси со ЕУ се бавни, тогаш зошто ние, балканските земји, да не се интегрираме и да живееме подобро и полесно да соработуваме и да тргуваме и на тој начин да го подобруваме нашиот стандард? Затоа ќе поторам: свој леб јаде, туѓо гајле бере“.

Кандидатката за претседател на Македонија Билјана Ванковска за МКД.мк вели дека масакрот во Сребреница претставува несомнено едно од најстрашните и најмасовни злосторства извршени во 90-тите години. Но и укажува на меѓународното право и на реалноста денес, како и на други настани, вклучително и во Македонија, и смета дека изјавата на Османи е недолична.

„Меѓународно правно, за тој случај е донесена одлука врз основа на судски процес и факти, дека е извршен геноцид на одредена територија и популација за што не постои колективна (државна) одговорност, туку поединечна. Како и да е, и Сребреница, како и злосторствата извршени каде било, вклучително и во Македонија во 2001 година, не смее да се заборават. Но најновата иницијатива во ОН за носење резолуција за осуда на геноцид (формулирана на прилично амбивалентен начин и тоа од земји како Германија и САД) е во најмала рака дегутантна поради геополитичката заднина и најмногу од сѐ поради лицемерието. Во време кога во Газа се врши геноцид, за кој Западот нема ни очи ни уши, тој решил да ја дисциплинира Србија за злосторство што е процесуирано и се случило во 1995 година! Одлуката на Бујар Османи, кој е истовремено министер во техничка влада и претседателски кандидат, а кој не го осуди геноцидот во Газа до ден денешен, е недолична и насочена кон себепромовирање“, ни изјави Ванковска.

А во однос на намерата техничката влада да донесе одлука за излегување на Македонија од Отворен Балкан Ванковска вели:

„Иницијативата на Бујар Османи е удар на секој обид за функционално помирување и поврзување на земјите од регионот, кои уште не ги залечиле раните. Тој постапува како (голем) Албанец и ги покажува своите антисрпски сентименти заради кои ги жртвува дури и интересите на Македонија. Очигледно, во него нема штоф ниту за прв дипломат, а уште помалку за државник“.

Претседателскиот кандидат Арбен Таравари за МКД.мк вели дека одамна предупредува дека Србија е закана за мирот и дека кон Белград токму Бујар Османи бил толерантен.

„Секојдневно нагласувам дека Србија е најголемата закана за регионалниот мир и стабилност, како и дека е еден од главните канали за ширење на руското влијание во Северна Македонија. Владата во заминување беше премногу толерантна кон Србија, вклучително и Бујар Османи, кој го избра Белград за своето прво официјално патување во странство како министер за надворешни работи. Тој никогаш формално не го осуди терористичкиот напад на Србија во Бањско, Косово. Поддршката на Северна Македонија за резолуцијата за Сребреница, спонзорирана од Германија и Руанда, во принцип е за пофалба, но сепак неискрена. Таа доаѓа од Османи, кој го користи ова како ПР – трик бидејќи ја губи поддршката од албанските гласачи по неодамнешните откритија за неговата улога во ОБСЕ во планот за деескалација во Косово и со иницијативата Отворен Балкан“, вели Таравари за МКД.мк.

На конкретното прашање во однос на иницијативата Отворен Балкан, Таравари вели:

„Отворен Балкан беше поддржана иницијатива од руската дипломатија како инструмент за промовирање на политичката и економската хегемонија на Кремљ во регионот, преку Србија. Затоа, таа иницијатива ја гледам како конкурентна на НАТО и ЕУ. Во мојата претседателска платформа се обврзав дека врз основа на член 121 од Уставот, ќе му предложам на Собранието, Северна Македонија итно да излезе од иницијативата Отворен Балкан. Северна Македонија не може и не треба да остане во ниту една регионална иницијатива која ја исклучува Република Косово, а сепак не Отворен Балкан каде Србија е единствениот преостанат учесник. Османи досега постојано и доследно ја бранеше оваа иницијатива. Неговиот вчерашен предлог дојде како резултат на паника по критиките од косовскиот парламент во врска со неговото лично учество во иницијативата Отворен Балкан“.

Претседателскиот кандидат Максим Димитриевски за МКД.мк вели дека изјавите на Османи се популистички, но и опасни како за Македонија, така и за регионот.

„Прашањето за Сребреница треба да го расправаат меѓународните институции. Впрочем, Меѓународниот суд во Хаг за воени злосторства има осудено лица што учествувале во геноцидот. Македонија треба да гради добри односи со сите ексјугословенски земји, тие ни се пријателски и братски држави и така треба и да остане, но без мешање во нивните отворени прашања. Османи е повеќе министер на соседно Косово отколку на Македонија и со популистичките изјави тој има цел да добие одредена популарност и поени кај албанскиот електорат, но и да ги влоши односите со Србија. Македонскиот народ е братски народ со српскиот и така треба да остане, но и со сите наши соседи сакаме да негуваме такви односи. И тоа за нас е битно“, вели Димитриевски.

Тој воедно вели дека ги осудува и сите лични ставови на бивши носители на фунцкии во Србија што со употребата на терминот северномакедонски народ и јазик директно ги навредуваат и ги повредуваат емоциите на сите Македонци, како во Македонија, така и во светот. За намерата на Османи Македонија да излезе од Отворен Балкан, Димитриевски вели:

„Отворен Балкан е позитивен проект не само за Македонија, туку за целиот регион и има цел да ги зближи државите што се во историски конфликт и да ги придвижи напред со економска соработка и продлабочување на односите. Изјавата на Бујар Османи ја доживувам во функција на претседателските избори и е чист популизам. Во спротивно, од позицијата што ја носи како некомпетентен во дипломатијата, тој имаше можност да се произнесе досега. Сепак, неговата изјава е сериозна и може да им наштети на македонско – српските односи“.

Инаку, што се однесува на Отворен Балкан, проценката е дека само со царинските олеснувања ќе се заштедат 30 милиони часа трошени на граничните линии. Или, тоа се безмалку три и пол години. Денес, кога динамично се живее, би кажале дека се чини оти тоа е залудно потрошено време. Од Сребреница пак, нѐ делат безмалку 30 години, години на помирување и години на успони, но и „падови“ во Западниот Балкан.

Како во Владата ќе се произнесат министрите по предлозите на техничките членови на кабинетот на техничкиот премиер Џафери по предлогот на Османи, очигледно останавме без одговор, па останува да се види.

П. Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ