петок, 18 октомври 2024

„Путин експрес“: Откриено е што сѐ има во мистериозниот блиндиран воз (ФОТО+ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Тој ретко користи авион и најчесто се вози со специјално опремен оклопен воз. Со него оди и до сите свои велелепни вили во предградието. До трите Путинови вили лоцирани во Сочи, Нови Огариово и Валдаи, тајно била изградена железница за тој веднаш да може се симне од возот директно до својата дестинација.

Однадвор, возот изгледа како повеќето други руски патнички возови, но кога и да поаѓа, поради него се менуваат сите возни редови бидејќи има апсолутен приоритет.

Внатрешноста е луксузно уредена, заштитена е од прислушување, има сала за состаноци, канцеларија, спална соба, бар, медицинска опрема и голем број содржини кога станува збор за велнес центарот.

Истражувачкиот портал Досие центар, кој е финансиран од прогонетиот руски тајкун Михаил Ходорковски, некогаш најбогатиот човек во Русија, а сега еден од нејзините истакнати дисиденти и голем критичар на рускиот претседател, открива дека луксузниот воз на Путин има дури и амам – турска парна бања, како и козметички вагон со апарати за подмладување и теретана.

 

 

Доколку е потребно, козметичката соба се претвора во медицинска соба бидејќи има комплетна опрема за итно спасување живот: од респиратор до дефибрилатор.

Досие центар наведува дека вагонот има и уред Спејс Б. Браун кој овозможува мерење и давање на точна доза на лек на пациент и монитор Инфинити М540 кој го следи пулсот, притисокот, температурата и другите параметри за време на анестезија… Во целиот воз, телефоните и интернет услугите се целосно заштитени од какво било прислушување со специјален хардвер за шифрирање.

Оклопниот воз го чинеше рускиот буџет најмалку 6,8 милијарди рубљи, што е околу 70 милиони евра. Ова го дознава Досие центар, кој во соработка со Си-ен-ен и германските медиуми Зидојче Цајтунг, ВДР и НДР дошле до илјадници документи и фактури од компанијата Циркон Сервис, која го сервисира оклопниот воз. Циркон моментално гради вагон со мултимедијален центар и вагон за спорт и рекреација.

 

 

Телевизорите во возот првично претставувале проблем, се вели во извештајот. Сигналот би се губел при минување низ тунели или под мостови. За да се поправи ова, создаден е посебен систем кој го фаќа сигналот пред да се пренесе на екранот, за Путин да не мора да чека.

Во козметичката соба има современи апарати за процедури против стареење, вклучувајќи ги и оние за дренажа и лифтинг. Со третман со радиофреквенција, контролирано длабински се загрева кожата со електроди, што доведува до подобрување на клеточниот метаболизам, циркулацијата, зголемување на мускулниот тонус и еластичноста на ткивата, како и активирање на фибробластите и создавање на нов колаген. Се постигнува подмладување и затегнување на опуштената кожа, се отстранува сивилото и заморот, но се намалуваат и брчките.

 

 

Во теретаната, посочува Досие центар, нема шипки, но има клупи за стомачни вежби, апарати за хиперекстензија, тегови… Претседателската безбедносна служба особено внимание посветила и на апаратите за вежбање на бутните мускули.

За да се задоволат потребите на безбедносниот персонал, како и на можните функционери на Кремљ и приватните гости, возот има вкупно 22 вагони, но обично не се користат сите во исто време. Најчесто на едно патување се поврзуваат десетина вагони.

Кога Путин е во Москва, возот обично застанува во заштитено подрачје на железничката станица Каланчивскаја во центарот на главниот град. Станува збор за еден вид ВИП платформа опкружена со бодликава жица и надгледувана од безбедносни камери.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ