Жителите на овие две села се сомневаат дека нивното плодно земјиште, на кое е планирано изградба на камп за работниците, ќе се претвори во градежно земјиште.
На протестот мештаните уште еднаш искажаа револт од, како што рекоа, игнорантскиот однос на властите и другите институции во решавањето на ова прашање.
„Не сме против изградба на автопатот. Ама немаме увид во нивните планови. Како што разбравме на нашите ниви ќе се прават кампови и логистика. Таа земја ќе остане на Република Македонија и нема да ни се врати. Добиваме поддршка и од нашите соседи од селата Здуње и Дебреше кои исто така не се задоволни од експропријацијата“, рече Насир Асипи, претставник на учесниците во блокадата.
Досега околу половина од сопствениците на земјоделското земјиште кое ќе биде одземено за изградба на Коридорот 8 добиле решенија за трајно одземање. Некои на протестот реагираа дека им е одредена минимална цена.
„Од идната недела ќе почнеме со сеидба и нема да им дозволиме на работниците од Бехтел и Енка да се приближат. Од понеделник протестите ќе се зголемат и ќе им ги блокираме градежните работи“, дециден беше Асипи.