Како што беше истакнато на промоцијата, прирачникот е модел за соработка на „Скај плус“ со Општина Струмица, бизнис заедницата и Струмичката епархија на МПЦ-ОА, но е и модел и за други општини кои се уште немаат Шелтер центар за згрижување на жртвите на семејно насилство.
Според Стојне Митева, низ Шелтер центарот во Струмица годишно поминуваат околу триесет жртви и тоа не само од Струмица, туку и од други градови во државата.
Сите центри за социјални работи ги имаат нашите телефонски броеви и секоја жртва која има потреба од сместување и згрижување доаѓа кај нас. Со прирачникот им овозможуваме и на други општини да работат по нашиот пример и Општина Гостивар веќе отпочна процес за почнување со работа на Шелтер центар. Има најави и од Општина Охрид дека ќе работи по нашиот пример и затоа сме задоволни, бидејќи и покрај сите затворени уши некој слуша дека „Скај плус“ работи и згрижуваме жртви на семејно насилство, изјави Митева.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, истакна дека Општината е единствена во државата која го третира овој проблем и тоа значи многу во однос на социјалната правда.
„Додавањето на дополнителни социјални услуги од кои граѓаните имаат потреба од нивно користење е дефинитивно нешто што ја става Струмица на пиедестал на заокружување на социјалната правда и секако пример кој треба да го следат“, рече Костадинов.
Тој најави дека во финална фаза на реализација е проектот „Куќа за отворено домување“, со кој треба да се заокружи овој процес со кој ќе им се овозможи на жртвите на семејно насилство да бидат згрижени таму подолг период.