„Да зборуваме со аргументи и факти, договор за издавање на концесија е издадена на 11 мај 2015 година, што значи немаат дозвола за експлоатација, а според Законот за минерални суровини временскиот рок од потпишување на договор за концесија, барање и добивање на дозвола за експлоатација е четири години. Што значи рокот не е запазен, рокот е истечен повеќе од две години. Значи има простор за одземање на концесијата“, вели Станојковска.
Забележува дека и Законот за минерални суровини е на страна на граѓаните на Општина Пробиштип во членот 51, којшто се однесува за еднострано раскинување на концесијата за експлоатација, како и член 54 став 1 од истиот Закон и се однесува какошто вели за рокот на поднесување на барање за издавање на дозвола за експолоатација и рокот за започнување на експлоатација е четири години.
„Што значи дека имаме една чиста позиција и тоа законска позиција, каде што има потреба и треба да се одземе концесијата. Меѓутоа еве ќе им цитирам и уште еден Закон. Предлог Законот за дополнување на Законот за животна средина донесен на 7 мај 2021 година, интервенирано е во еден амандман, којшто гласи „Се забранува градење на тешка и загадувачка индустрија на пет километри од населени места и заштитени подрачја. Што значи навистина законите се на наша страна“, потенцира Станојковска.
Градоначалникот на Пробиштип, Анастасов вели Општина Пробиштип својот став го изнесе и пред Министерството за транспорт и врски на расправата за Државна урбанистичка планска документација (ДУПД).
„Мојот став сум го кажал и сега само ќе го повторам дека Општина Пробиштип и јас како градоначалник на Општина Пробиштип сум на истиот став од веќе познати причини, кога станува збор за Пробиштип дека ние имаме повеќе загадувачи и дека уште еден ваков проект би бил премногу за граѓаните на Пробиштип. Јас знам дека не постои градоначалник кој не сака сите проблеми да се решат, ние сме свесни дека овде ќе имаме дополнителни приходи. Но, не сакам тие средства, тие приходи граѓаните да ги трошиме за лекување“, вели Анастасов.
Еколошкиот активист Станојковска надополнува дека Пробиштип по глава на жител е со најзагадувачка индустрија, во овој град се сместени неколку фабрики од тешката индустрија, има две хидројаловишта, од кое едно старо и едно активно, како и рудникот за олово и цинк Добрево, кое сега е во сопственост на бугарски „Булмак“.
„На овој град не му треба тешка загадувачака индустрија, отварањето на уште еден таков рудник ќе биде премногу за граѓаните на Пробиштип. Знаеме дека и во минатото имаме некои загадувања, коишто и по пет децении градот не може да се справи со нив, ја имаме и старата јаловишна депонија, која е една од 16 жешки еколошки точки“, вели Станојковска.
Градоначалникот Анастасов појаснува дека опафатот за отварање на нов рудник за злато и сребро Плавица-Црн Врв е голем, односно ги опфаќа општините Кратово и Пробиштип, од кои над 450 хектари се на територија на Општина Пробиштип.
„Станува збор за територија исто толку колку што е целиот град, односно опфатот на Генералниот урбанистички план на Пробиштип, или некаде над 450 хектари. Така да мојот став е исти, сум разговарал неколку пати со менаџментот на „Плавица“ укажани се сите наши забелешки како општина. Грешката според мене е направена уште во 2016 година, кога и се дава концесија за истраги, за да можат тие да прават истражувања на целата оваа територија и стоиме на ставот дека ќе направиме се за да не отпочне со работа овој рудник“, вели Анастасов.
Станојковска укажува дека опфатени се атараите на неколку пробиштипски села Кундино, Гризилев, Добрево, Марчино, Шлегово, Приковци и ќе биде на пет километри од градот Пробиштип. Таа најави дека доколку не се одземе концесијата неколку еколошки здруженија во земјава ќе поднесат и тужба.