недела, 20 октомври 2024
Стопанска комора на Македонија

Приватниот сектор мора да се вклучи во Планот за раст на ЕУ, рече Азески на конференција во Париз

Министерскиот панел во рамки на конференцијата на високо ниво на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за Југоисточна Европа, насловена „Поттикнување на конкурентноста, постигнување на конвергенција“ на кој учествуваше и претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, ја потврди тезата дека во процесите на дигитализација, зелената агенда и циркуларната економија, почнувајќи од 2021 година, секоја земја бележи различен степен на напредок, соопштија од Стопанската комора.

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа пред нас отвора сериозни обврски пред почетокот на пристапните преговори да направиме дополнителни напори за интензивирање на активностите, особено во еден момент во кој, со Планот за економски раст на ЕУ, се нуди поддршка и финансиска помош за имплементирање на овие вредности  без кои не е можно создавање на додадена вредност“, велат од комората.

Претседателот Азески, кој учествувал во дискусијата на министерскиот панел, истакнал дека конференцијата покажала прецизност и јасност во изградените политики и дека и приватниот сектор мора да сфати дека треба да партиципира со засилена инвестициона активност и нови вработувања, што значи ставање во функција на сите можности кои значат зголемување на извозот, продуктивноста и конкуренцијата.

„Беше неверојатно позитивно оценета заедничката платформа изразена преку Стратегијата за паметна специјализација која се имплементира со помош и поддршка на земјите членки на ЕУ кои се наши помагачи во овој процес, како Словенија и Хрватска. Сè на сè, една невообичаена дискусија за напредните алатки во интерес на компаниите, но и за зголемување на имплементационата моќ во земјоделието, енергетската ефикасност, ИКТ кои мора да претставуваат моторна сила на новиот развој“, вели Азески.

Конференцијата на ОЕЦД за Југоисточна Европа во Париз, во  чиј фокус беше градењето перспектива за поттикнување на конкурентноста на Западен Балкан во 2024 година, ги собра високите претставници од ОЕЦД, Европската комисија, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и бројни министри, заменици премиери и државни секретари од земјите на ЕУ и ЈИЕ кои ги истражуваа стратегиите за олеснување на социо-економската конвергенција на регионот на Југоисточна Европа кон стандардите на ЕУ и ОЕЦД, наведуваат од Стопанската комора.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ