петок, 18 октомври 2024
Седница на ССРМ

Прифатен приговорот на судијата Нанев, тројца кандидати за две празни места во Судскиот совет

Објавено на

часот

Сподели

Лазар Нанев судија и претседател на Основниот суд Кавадарци, Антоанета Димовска од Основниот граѓански суд Скопје и врховниот судија Наке Георгиев се тројцата кандидати за кои Судскиот совет на 13 јули ќе гласа за пополнување на две испразнети места во советот.

Членовите на советот што беа за прифаќање за приговорот на судијата Лазар Нанев се согласија дека иако судијата не ги приложил сите документи во оригинал или заверена копија, сепак тој ги приложил потребните документи во електронска форма.

„Треба да појасниме дека едно е да недостасуваат документи, а друго е истите да бидат пратени во електронска форма. Во време кога електронската форма е широко прифатена насекаде и тоа што кандидатот во приговорот ги доставил документите тогаш нема причина неговата кандидатура да не биде прифатена“ рече Тања Чачарова Илиевска.

За членката на Судскиот совет и член на Комисијата за рангирање на кандиатите, Мери Радевска пак остана на ставот дека приговорот на судијата Нанев не треба да биде прифатен.

„Кандидатот не беше ставен на листата затоа што, меѓу другото немаше доставено потврда за судски стаж и немаше оригинален документ за оценка на резултатите од неговата работа. Ме зачудува фактот како судија при објавен оглас, а познавајќи ги законите не ги доставил потребните документи“, ја обрзаложи одлуката на комисијата, Радевска.

И поранешната претседателка на советот Весна Дамева, беше против прифаќањето на приговорот на судијата Нанев но од други причини.

„Не јасно е како судијата Нанев ги знаел причините поради кои не е на листата кандидати кога причините за неговото изоставување не му се доставени. Но тоа е друга постапка која треба да се провери. Судскиот совет од 26 април, е исправен пред голем предизвик. Одлучив по ова прашање денес гласно да молчам а моето мислење да го изразам единствено преку гласањето и ќе гласам против усвојување на приговорот, рече Дамева која се изјасни и против врховниот судија Наке Георгиев за член на советот од редот на врховните судии. 

Судскиот совет е составен од 15 члена. Мандатот на избраните членови трае шест години со право на уште еден избор. На претседателот на Врховниот суд и на министерот за правда со престанок на функцијата им престанува и мандатот во советот. Дополнително, министерот за правда нема право на глас при изборот на членови на Судскиот совет.  

Со изборот на новите двајца членови закажан за 13 месецов треба да биде комплетиран составот на Судскиот совет.

                                                                                                                                                И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ