Претседателот Пендаровски во интервју за „360 степени“ во понеделникот кажа дека размислува во следните денови да испрати порака до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за екстрадицијата на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, да се случи побрзо.
Македонија и официјално побара од турските власти екстрадиција за Љупчо Палевски Палчо, првоосомничен за убиствата на девојчето Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежоски, а за барањето е известен и Интерпол. Во меѓувреме, на Палевски во Баликесир, каде што беше избеган, му е определен 40-дневен притвор, што се смета доволно за да се завршат екстрадициските процедури. Македонските власти сметаат дека соработката со Турција како пријателска земја, на сите полиња, па оттаму и на планот на борбата со криминалот е на високо ниво и не се очекуваат пречки во испорачувањето на осомничениот Палевски за да му се суди во Македонија.
Во таа насока може да се толкува и писмото на претседателот Пендаровски до турскиот претседател Ердоган, како информирање на двајца претседатели за постапките во врска со осомниченото лице за сторено злосторство и апел за побрзо завршување на процедурите.