петок, 18 октомври 2024
Димитар Љоровски Вамваковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Преспанскиот договор и прашањето за македонското малцинство во Грција

Во последниот период повторно се актуелизира прашањето за забраните за влез во Република Грција кои грчките власти им ги ставаат и/или продолжуваат на македонски државјани со изговор дека истите се закана за грчката јавна и национална безбедност.

Реално, на прв поглед, многу опасна и заканувачка квалификација за индивидуи кои се карактеризираат како закана за државниот и национален интегритет на грчката држава. За општествената јавност која не е доволно запознаена со оваа проблематика ваквите забрани можно е да ја насочуваат и да креираат мислење дека станува збор за личности кои се „националисти, шовинисти, иредентисти“ и луѓе кои не ѝ го сакаат доброто на грчката држава или пак ги нарушуваат билатералните односи меѓу двете држави.

Но вистината е сосема поинаква! Всушност, забрани добиваат најчесто Македонци кои директно или индиректно (потомци) потекнуваат од северните делови на грчката држава или во јавноста се попознати уште и како „Егејци“. Нивната „вина“ се состои во тоа што тие покажуваат изразен интерес за местата каде се родени или пак од каде потекнуваат, нивните чести посети во северниот дел на грчката држава, присуството на одредени културни манифестации (панаѓури) во одредени населени места, средбите и контактите со одредени грчки државјани, чествувањата на одредени историски настани и/или, пак, пишувањето за одредени делови од историјата, кои грчката држава ги смета „забранета историја“ во нивната национална нарација…

Во глобала, тоа е нивната „вина“! Зарем мислите дека која било демократска и европска држава ова го смета за закана за државниот и националниот интегритет на својата држава и на таков начин, како што тоа го прави официјална Атина, би го попречиле правото на слободно движење на граѓани од други држави?!?

Уште повеќе, контрадикторноста во нивните тези за некаква си закана за грчкиот територијален интегритет е и во тоа што најголем дел од оние што имаат добиено забрана за влез во Грција никогаш јавно или на кој било друг начин не го негирале тој интегритет, туку напротив ја почитуваат државноста и територијалниот суверенитет на Грција, а неретко истакнуваат дека сакаат и работат за доброто и за развојот на билатералните односи меѓу двете држави.

Постои и уште еден момент кој грчката држава го смета за закана на нивната национална безбедност, односно нивната перцепција дека станува збор за активисти кои помагаат во создавањето и развојот на едно „непостоечко малцинство“ во Северна Грција. Имено, во историјата, официјална Атина постојано интервенирала да не се покренува прашањето за македонското малцинство на нејзина територија. Грчката политика го сметала за стратегиски погрешен потег признавањето на „бугарско малцинство“ во Северна Грција со Договорот Калфов-Политис (Договор меѓу Бугарија и Грција) од 1924 година, при што одлуката набрзо била поништена со специјалната мисија на Елефтериос Венизелос во Друштвото на народите. Оттогаш Грција ја третира оваа етничка македонска заедница како „славофони Грци“.

Во најголем дел, Грција се обидувала на секој начин од формирањето на македонската држава во рамките на југословенската федерација во 1944 година до 17 јуни 2018 година (потпишувањето на Преспанскиот договор) да не признае македонско национално малцинство на нејзината територија, затоа што, според официјална Атина, ако во грчка Македонија, етничките Македонци би претставувале малцинство, тоа би значело дека останатите Грци кои живеат на таа територија не се Македонци.

Во многу последователни случаи во периодот по Втората Светска војна, Грција строго го поставила како услов во грчко-југословенските односи непокренувањето на прашањето за македонското малцинство на нејзина територија. Всушност, во 1961-62 година имало сериозна криза во односите меѓу двете држави по повод ова прашање: Грција јасно ставила до знаење во Белград дека Југословените можат или да го покренат прашањето за „македонското“ малцинство или да имаат коректни односи со Грција во целост. Сепак, тие не можеле да ги направат и двете, односно да го покренат прашањето за малцинството „во контекст на добрите грчко-југословенски односи“. Меѓународните односи и политичките проценки на официјален Белград биле причината ова прашање постепено да биде потиснато.

Исто така, грчката држава остро реагирала на соодветните обиди од југословенска страна да го покрене малцинското прашање при посетата на грчкиот претседателот Константинос Караманлис во Југославија во 1980 година, набргу по смртта на Тито. Ваквата политика на официјална Атина останала непроменлива и по стекнувањето на македонската независност во 1991 година, за да конечно тие го „решат овој проблем“ со Преспанскиот договор, во кој децидно ѝ се забранува на Македонија да го покренува прашањето за македонското малцинство во Грција.

Сепак, да се навратиме на книгата на двајцата грчки професори Сиригос и Хатзивасилиу (Договорот од Преспа и македонското прашање), и да видиме како тие го толкуваат овој проблем по потпишувањето на Преспанскиот договор.

Според нив, „Договорот од Преспа ѝ забранува на ФИРОМ да го покренува прашањето за ‘македонското малцинство’ во Грција и се чини дека ефективно го забранува. Но, работата не е толку едноставна. Самиот Договор од Преспа го прави неизбежно признавањето од страна на Грција на етничкото ‘македонско’ малцинство на нејзина територија. Тоа ќе се случи според Договорот од Преспа, а тоа нема да се направи со постапки на нивната соседна држава (Македонија, н.з.), туку со постапки на грчките граѓани, што Договорот, се разбира, не ги забранува“.

Сиригос и Хатзивасилиу детектирале два начини како тоа може да се направи: „Досега имавме случај на одредени поединци кои сакаа да основаат здружение со име ‘Дом на македонската култура’, каде што под терминот ‘македонска’ ја подразбираат македонската словенска култура. Со Договорот од Преспа грчката држава го подигнува степенот на критично ниво. Она што го бараа одредени поединци сега станува проблем за грчката држава. Очигледно е дека кога се подготвуваше Договорот од Преспа, не беше земена предвид важноста на јазикот и идентитетот во дефинирањето на малцинството. Некои словенски говорници кои немаат грчка национална свест (а, се разбира, нивно право е да ја немаат) ќе бараат да се сметаат за ‘македонско’ малцинство. Тоа нема да биде друга држава што ќе го бара, туку самите грчки граѓани. Ќе бараат Дом на македонската култура со аргумент дека тоа е идентитетски статус кој Грција го признала и со Договорот од Преспа за граѓаните на друга држава“.

Според грчките научници постои можност по ратификацијата на Преспанскиот договор, дека „грчки граѓани до грчките судови ќе поднесат барање за признавање на Здружение на национално македонско малцинство во Грција“. При ваков случај, тие сметаат дека „многу е веројатно грчките судови да одговорат дека, врз основа на чл. 7 од Договорот, употребата на термините Македонија-Македонец-македонско се разликува во двете земји, а Грција не го прифаќа скопското тврдење за национален ‘македонизам’. Апликантите ќе инсистираат, со аргумент дека сепак ја прифаќаат другата дефиниција, за Скопје, која самата Грција ја прифати со Договорот од Преспа. Ќе нагласат и дека не е можно Грција да признава право на трет народ, а не на својот, односно на грчките граѓани. Затоа што со членот 7 од Договорот од Преспа, Грција ја признава како легитимна (и ја презема обврската да ја толерира) употребата на терминот ‘македонски’ – чисто, а во смисла на негрчки – од друг народ.

Постои и втор начин за признавање на македонското малцинство во Грција, кој според Сиригос и Хатзивасилиу е „полесен, малку поиндиректен, но исто толку можеби и поефикасен“. Имено, по ратификацијата на Преспанскиот договор „грчките граѓани до грчките судови ќе поднесат барање за формирање, на пример, Друштво за изучување на националниот македонски јазик. Како што видовме, Грција експлицитно го призна овој јазик како таков и под ова име, во член 1 став 3в од Договорот од Преспа. Нема шанси грчкиот суд да не го признае оваа здружение, применувајќи го грчкиот закон (чиј дел ќе биде и Договорот од Преспа по неговото санкционирање). Грција експлицитно, со Договорот од Преспа (т.е. со меѓународен договор, кој, врз основа на Уставот, има предност над грчките формални закони и не може да биде отповикан од нив), ќе го прифати постоењето на овој ‘македонски јазик’. Со законското основање на ова здружение, грчката држава ќе признае, можеби индиректно, но многу јасно, етничко ‘македонско’ малцинство – т.е. она што Грција се обидува да го избегне од 1944 тоа ќе го направи без да се вклучи Скопје (бидејќи само грчките граѓани ќе се вклучат во судскиот процес), а со тоа и без да го прекрши Договорот од Преспа.

 проф. д-р Димитар Љоровски

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ