петок, 18 октомври 2024

Преспа – климатските промени и земјоделците го сушат античкото балканско езеро

Објавено на

часот

Сподели

Со милениуми Преспанското Езеро било недопрено. Но, под притисок на климатските промени, неконтролираното испумпување на водата и загадувањето, ова праисториско водно тело во југоисточна Европа се намалува со алармантна брзина.

Преспанското Езеро, кое се протега на границите на Албанија, Грција и Македонија, е дом на илјадници видови животни и растенија кои зависат од водата и и околината.

Зголемувањето на просечните температури предизвика хаос на годишните снежни врнежи во областа, сушејќи ги виталните потоци што се влеваат во Преспа. Тоа ги доведе во опасност видовите кои зависат од езерото и уште едно блиско водно тело.

„Претходно имаше многу повеќе снег кој можеше да достигне до еден метар или метар и половина, но последниве години снежните врнежи речиси и да немаше“, изјави за АФП Горан Стојановски, 38-годишен ренџер кој помина повеќе од една деценија следејќи го езерото во Македонија.

п

И други експерти се согласуваат дека се бројни последиците од климатските промени.

„Промените забележани во нивоата на езерото се поврзани со климатските промени“, рече Спасе Шумка, професор на Земјоделскиот универзитет во Тирана, Албанија.

Шумка посочи на повисоките просечни годишни температури кои го зголемија испарувањето и ги намалија годишните врнежи.

Преспа ја исполнува оваа живописна долина во југоисточна Европа меѓу еден и пет милиони години, што ја прави еден од најстарите слатководни еколошки системи на континентот.

„Врз основа на локацијата, единственото решение е во заедничко дејствување“, додаде професорот.

Уште еден додатен проблем за Преспа се и околните насади со јаболка чие наводнување многу зависи од водата во езерото. Според една студија, цитирана од НАСА, езерото изгубило седум отсто од својата површина и половина од својот волумен помеѓу 1984 и 2020 година.

Загадувањето на животната средина од земјоделските истекувања од околните овоштарници само ги зголемува проблемите, а тоа е цветањето на алгите кое поттикнува страв од создавање мртви зони.

„Езерото со децении интензивно се загадува“, вели Златко Левков, биолог од универзитетот „Св. Кирил и Методија“ во Скопје. „Едноставно кажано, живеалиштето на многу видови би можело целосно да се промени, а популацијата на тие видови би се намалила и потенцијално би изумрела“.

Приближно 2.000 видови риби, птици и цицачи заедно со голеm број на растителни видови зависат од водите во Преспанското Езеро.

Пестицидите и вештачките ѓубрива во голема мера се користат за јаболковите насади кои се познати во регионот, а сочинуваат околу 70 проценти од економската активност во и околу брегот на Преспа.

Понатамошната деградација може да се покаже како катастрофална за локалниот екосистем, но и за соседното Охридско Езеро кое се наоѓа на 10 километри на запад.

Поради местоположбата на Преспа, кое е повисоко од Охридското, подземните водни текови низ околниот варовник се значаен дел од водите кои се влеваат во Охридското Езеро.

Според извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), околу 65 тони пестициди се користат годишно во регионот, при што големи количини од тие хемикалии преку искетување завршуваат во Преспанското Езеро.

Фрлањето биоразградлив отпад и прекумерната употреба на ѓубрива и пестициди го поттикнаа брзиот раст на биомасата во езерото, вклучувајќи ги алгите и инвазивната трева, што ги загрозува ендемичните видови, соопшти УНДП.

Во последниве години беа покренати огромен број иницијативи за подобро управување со последиците од земјоделскиот сектор.

Еден проект е со изградба на осум метеоролошки станици кои собираат податоци за земјоделците за помало прскање со пестициди и намалување на нивната употреба за 30 проценти.

„Со намалувањето на бројот на третмани, имаме поголем економски бенефит и ја подобруваме заштитата на животната средина“, изјави за AФП Фросина Ѓорѓиевска, 56-годишна фармерка од Ресен.

Експертите веруваат дека треба да се направи повеќе за да се заштити иднината на езерото, вклучително и подобро спроведување на куп договори потпишани од Македонија, Албанија и Грција во 2012 година.

Активистите повикуваат на преминување кон органско земјоделство заедно со инвестиции во одржлив туризам за да се помогне во ширењето на свеста.

„Сакаме да ја задржиме автентичноста на Преспа, нејзината убавина и да уживаме во неа“, рече Марија Ефтимовска (42), локален еколошки активист.

                              (Преземено од Phys.org, портал посветен на науката, дел од мрежата Science X,                                                             една од најголемите онлајн заедници за научно ориентирани луѓе)

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ