петок, 1 ноември 2024

Премиерот Џафери и вицепремиерот Маричиќ на самит во Котор

Техничкиот премиер Талат Џафери и вицепремиерот Бојан Маричиќ, откако ги изгубија изборите, ја прифатија поканата да присуствуваат на регионалниот самит на лидери под мотото „Еден регион, заедничка визија“ во Котор, Црна Гора.

Објавено на

часот

Сподели

Џафери денеска ќе се обрати на првиот панел насловен „Состојбата на терен и идните планови – нов план за раст“.

На панелот, покрај Џафери ќе се обратат и косовскиот премиер Албин Курти, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто,  премиерот на Албанија Еди Рама, помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД,  Џејмс О’Брајан, и комесарот за добрососедска политика и проширување на Европската комисија, Оливер Вархеи. На панелот ќе се разговара за Планот за раст на Западен Балкан.

Во Котор веќе е присутен првиот заменик претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, кој учествуваше на регионалниот состанок на министрите за европски прашања и финансии на Западен Балкан посветен на Планот за раст. Регионалниот состанок му претходи на лидерскиот самит на Западен Балкан кој ќе се одржи денеска.

Во своето обраќање Маричиќ го наведе усогласувањето на приоритетите на државата со приоритетите на Брисел. Ги истакна договорените и усогласени обврски и мерки кои ќе се спроведуваат. Ја истакна важноста на СЕПА – пристап до единствената област за плаќање во евра, Зелените ленти за унапредување на олеснувањето на трговијата и транспортот, за слободните вај-фај зони на јавните простори во 500 општини во регионот и за развој на дигиталните иновативни центри.

Тој во обраќањето ги наброја утврдените, следни чекори, односно работата на проектите за академија за единствен пазар со што се осигурува усогласување на националните системи со оние на ЕУ, важноста за прифаќањето на дигиталниот паричник, како удобен и безбеден метод за граѓаните и бизнисите да го утврдат нивниот идентитет, користејќи ја нивната дигитална лична карта за интеракција и во јавниот и во приватниот сектор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ