петок, 18 октомври 2024
Блумберг

Преговори меѓу Украина и Русија летово?

Објавено на

часот

Сподели

Блумберг објави дека францускиот претседател Емануел Макрон се обидува да ја сврти низата од разочарувачки дипломатски офанзиви презентирајќи ѝ план на Кина за кој верува дека потенцијално може да доведе до разговори меѓу Русија и Украина.

Макрон го задолжи својот советник за надворешна политика Емануел Боне со највисокиот кинески дипломат Ванг Ји да создаде рамка што би можела да биде основа за идните преговори, пишува Блумберг.

Француската стратегија предвидува преговорите да се одржат уште ова лето доколку сѐ биде во ред, рекле за Блумберг луѓе упатени во плановите под услов да останат анонимни.

За време на неговата посета на Кина, Макрон не успеа да го убеди кинескиот претседател Си Џинпинг да разговара со украинскиот лидер Володимир Зеленски.

Не е познато дали Макрон за својот план има поддршка од Украина и од нејзините сојузници, од кои многумина ги отфрлија предлозите за прекин на огнот што би ѝ овозможиле на Русија да ги задржи териториите што ги освои. Многу земји, исто така, се сомневаат дека Кина може да биде неутрален посредник со оглед на нејзиното „неограничено пријателство“ со Русија.

Во меѓувреме, бразилскиот претседател Луис Игнасио Лула да Силва во понеделникот привлече критики од САД за коментарот дека Западот го „охрабрува“ конфликтот со вооружувањето на Украина. Тој рече дека Вашингтон треба да престане да испраќа оружје во Украина и да почне мировни преговори. Лула предложи да се формира група од земји што не се вклучени во војната за да посредуваат во постигнувањето мир. Тој рече дека за тоа разговарал со лидерите на Кина и Обединетите Арапски Емирати, пренесе Ројтерс.

Запрашан за предлогот на Лула, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им рече на новинарите: „Секоја идеја што ги зема предвид руските интереси заслужува внимание и дефинитивно треба да биде слушната“.

Неколку земји и светски лидери, вклучувајќи ги Си, Макрон и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, се обидоа да се позиционираат како можни миротворци.

Русија вели дека е отворена за разговори, но јасно стави до знаење дека тие може да се одржат само според нејзините услови. Таа рече дека Украина мора да ги прифати „новите реалности“ на теренот – особено нејзината анексија на украински територии, која Киев и Западот ја отфрлаат како незаконска. Украина е категорична дека нема да разговара за мир или за прекин на огнот додека руските трупи не ја напуштат секоја педа од меѓународно признаената територија на Украина.

Кремљ соопшти дека ги видел извештаите, но дека не бил во контакт со Франција за мировниот план.

„Не знаеме дека постои некаков француски план, не сме добиле ништо од француската страна“, рече Песков.

Преголеми очекувања од пролетната офанзива

Какви било разговори би зависеле од неколку услови, вклучувајќи успешна украинска пролетна офанзива, која би ја зајакнала позицијата на Киев за време на разговорите, пишува Блумберг. Некои европски функционери се загрижени дека има опасно високи очекувања од каква било украинска контраофанзива, која можеби нема да биде доволно успешна за Киев да ја ослободи целата територија окупирана од Русија. Пореална цел е напредување од 30 километри кон југ, што би ја ставило украинската артилерија во дометот на руските линии за снабдување и би создало услови за подлабок пробив во 2024 година, вели Блумберг. Ова, според американската агенција, значи дека сојузниците на Украина треба да ја зголемат поддршката и да овозможат идните офанзиви да вратат што поголем дел од окупираната територија.

Макрон претходно изјави дека Кина треба да игра значајна улога и дека благодарение на односите со Русија може да ја „вразуми“ Москва. Пекинг досега не даде никакви знаци дека е подготвен да изврши притисок врз Москва да ги повлече своите војници.

Највисоките дипломати од Групата седум држави, меѓу кои е и Франција, оваа недела ја прифатија „мировната формула“ на Зеленски, која вклучува целосно повлекување на руските трупи од украинската територија.

Киев постојано повторува дека нема да преговара за територијални отстапки и дека неколку сојузници на Украина ја поддржуваат таа позиција, предупредувајќи дека каков било договор што практично ќе ја замрзне војната веројатно ќе ѝ овозможи на Русија повторно да се вооружи и да започне нова офанзива.

Рускиот претседател Владимир Путин досега не покажа дека неговите цели се сменети, а камоли дека е подготвен да ги повлече војниците од украинска територија.

Блумберг пишува, повикувајќи се на информирани извори, дека планот на Макрон ќе се потпира на долгорочни безбедносни гаранции за Украина, кои би имале цел да ја одвратат Русија од идни агресии. Сојузниците сè уште не ги детализирале мерките што треба да се договорат на самитот на лидерите на НАТО во Литванија во јули, но тие ќе имаат цел да ѝ помогнат на Украина да ги модернизира своите вооружени сили и да стане поинтероперабилна со армиите на НАТО.

Паралелно, сојузниците на Украина, исто така, работат на начини за одржување на тековните набавки на оружје и клучни залихи, како муниција со калибар од 155 милиметри.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ