петок, 25 октомври 2024
АП

Празните и запуштени цркви низ цела Европа стануваат дискотеки и хотели

Објавено на

часот

Сподели

Исповедалниците каде што генерации Белгијци ги признавале своите гревови се наредени во аголот на зградата што порано беше Црква на Светото срце, како доказ дека и тие – како и оваа римокатоличка богомолија – ја надживеале својата цел.

Зградата ќе биде затворена две години додека да ѝ се доградат кафуле и концертна сала, со планови црквата да се претвори во „ново културно жариште во срцето на Мехелен“, кое е блиску до местото каде што живее белгискиот надбискуп. Веднаш зад аголот, поранешната францисканска црква сега е луксузен хотел во кој музичката ѕвезда Стромае ја поминал својата прва брачна ноќ меѓу витражите.

Низ Европа, континент што речиси два милениуми го негуваше христијанството, црквите, манастирите и капелите се празни и сѐ позапуштени, додека религијата и посетеноста на црквата драстично се намалија во последниот половина век, пишува агенцијата Асошиејтед прес.

„Тоа е болно. Не сакам да кријам. Од друга страна, невозможно е да се вратиме во минатото“, изјави за АП Јохан Бони, бискуп од Антверпен. Сè повеќе некогашните свети градби добиваат нова намена, почнувајќи од продавници за облека, преку сали за рекреативно планинарење до ноќни клубови, пишува американската агенција.

д

Тоа е феномен што е присутен во повеќето европски христијански земји од Германија до Италија и многу земји помеѓу нив. Тоа е особено импресивно во Фландрија, на северот на Белгија, каде што се наоѓаат некои од најголемите катедрали на континентот со најфините уметнички дела. Меѓутоа, нема доволно верници. Студијата спроведена од агенцијата за истражување Пју во 2018 година покажа дека 83 отсто од испитаниците во Белгија рекле дека се воспитани како христијани, а само 55 отсто од нив се сметаат себеси за христијани. Само 10 отсто од Белгијците сè уште редовно одат во црква.

Денес на гостувањата на меѓународните црковни хорови има повеќе црковни пејачи од верници што ги слушаат.

Во просек, секој од 300-те града во Фландрија има околу шест цркви и често нема доволно верници за да пополнат една од нив. Некои од нив бодат очи во градските центри, а нивното одржување ги исцрпува финансиите.

Мехелен, град со 85.000 жители северно од Брисел, е римокатоличкиот центар на Белгија. Градот има над 20 цркви, неколку од нив се блиску до катедралата Свети Румолд со камбанарија што е под заштита на УНЕСКО. Градоначалникот Барт Домерс со години работи на тоа многу од овие згради да добијат поинаква намена.

„Во мојот град, имаме пивница во црква, имаме хотел во црква, имаме културен центар во црква, имаме библиотека во црква. Значи, имаме многу нови намени за црквите“, рече Сомерс, кој е и фламански регионален министер и учествува во пренамената на околу 350 цркви низ густо населениот регион каде што живеат 6,7 милиони луѓе.

д

Значаен проект за пренамена во Белгија е хотелот Мартинс Патерсхоф во Мехелен, каде што внатрешноста на црквата била променета за да се создадат соби во кои креветите имаат наслони што личат на цевки за оргули и сала за појадок крај олтарот каде што над главите лебдат наполитанки од златни ливчиња. „Често слушаме дека луѓето доаѓаат овде да се одморат и да уживаат во тишината на поранешниот идентитет на зградата“, вели менаџерката на хотелот Емили де Претер.

Со својот дискретен луксуз, хотелот нуди мир, и повеќе од тоа.

„Во овој хотел луѓето спијат во црква, можеби имаат секс во црква. Така, можете да кажете: етички, дали е добра идеја да се има хотел во црква? Јас не се двоумам во тоа“, рече Сомерс. „Мене повеќе ме интересира архитектонската вредност“.

Во блискиот Брисел, некогашната запуштена англиканска црква му отстапила место на ноќниот клуб Спирито, чие лого е цртеж на свештеник што бакнува калуѓерка.

Ова не е нешто што бискупот Бони го имал на ум.

И покрај тоа што римокатоличката религија е во опаѓање, чувството на светост или потребата за размисла сѐ уште е присутно во општеството, без разлика дали е религиозно, агностичко или атеистичко. Аурата на спокој што произлегува црквите е неприкосновена, а за Бони нема причина црквите да се претвораат во супермаркети или дискотеки.

„Тие се места за медитација. А зарем тоа не е суштината на грижата за црквата?“, прашува тој. Бони верува дека најуспешното и најпријатно пренаменување на зградите е нивното предавање на други христијански заедници, без разлика дали се коптски или источноевропски.

Тој се заморува и само гледајќи од неговата канцеларија во целата поворка на понудувачи за празни римокатолички згради. Срцето му се кине кога ќе се појават агентите за недвижнини. „Тие ги гледаат можностите. И нема да ви се верува колку одеднаш стануваат побожни кога ќе се појави финансиска можност. Одеднаш тие се попобожни и од калуѓерките“.

Со оглед на турбулентната историја на христијанството низ вековите, Бони гледа на долки патеки, бидејќи блиската иднина не изгледа светла. „Речиси на секои триста години сме морале речиси да почнуваме одново“, рече тој. „Убеден сум дека ќе се случи нешто ново. Но потребно е време“, вели тој за АП.

Во случајот со хотелот Мартинс Патерсхоф, дури постои услов црквата да може повторно да ја побара зградата доколку има потреба за тоа, вели Де Претер. Хотелските елементи биле изградени на челични греди и може целосно да се расклопат и отстранат. „Ако во одреден момент црквата посака да си ја врати зградата, за што шансите се мали, тогаш тоа е можно“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ