Од Кабинетот на Џафери информираат дека одговорот на Јовески пристигнал до законодавниот дом во рокот даден во Деловникот односно вчера попладне по пошта, така што тој денеска се дистрибуира до пратениците, а интерпелацијата ќе се најде на дневен ред на првата наредна нова седница.
„Одговорот од страна на јавниот обвинител е доставен на време. И во моментот службата работи на тоа, и за кратко време ќе го добијат сите пратеници. Според наведените членови од Деловникот, интерпелацијата ќе биде на првата наредна ова седница. Претседателот на Собранието ги почитива сите рокови и постапува по Деловникот“, информираат од Кабинетот на претседателот на Собранието.
Јавниот обвинител, како што наведуваат, ја примил интерпелацијата на 18 септември, а тој требало да достави одговор во рок од 15 дена од денот на приемот, односно до 2 октомври.
Врз основа на членовите 46 и 47 од Деловникот јавниот обвинител има право да поднесе писмен одговор најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата. Ако јавниот обвинител достави одговор, интерпелацијата се става на дневен ред на седница на Собрание по истекот на 15 дена од добиениот одговор. Ако јавниот обвинител не достави одговор интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, во случајов, после 2 октомври.
Пратениците од опозициските партии на Албанците кои ја поднесоа интерпелацијата денеска на прес-конференција обвинија дека претседателот на Собранието Талат Џафери не ја ставил во предвидениот рок точката за интерпелација на Јовески.
„Нашето основано сомнение е дека тој имал улога во поинакво насочување на судскиот процес што се водел во врска со пожарот на модуларната болница во Тетово, при што загинаа 14 пациенти“, рекоа претставниците на Алтернатива, Беса и Демократско движење