петок, 18 октомври 2024

Последен обид да се убеди Турција да ја пушти Шведска во НАТО

Објавено на

часот

Сподели

Столтенберг свика средба меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон еден ден пред дводневниот состанок на самитот на НАТО на кој алијансата сака да покаже единство пред руската инвазија на Украина.

Генералниот секретар минатата недела изјави дека приемот на Шведска во НАТО е блиску. „Она што е важно е да имаме позитивен исход следната недела“, рече тој за новинарите по состанокот со претставниците на Турција и Шведска во четвртокот.

Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО минатата година, напуштајќи ја повеќедецениската политика на воена неутралност.

Апликацијата за членство во алијансата мора да биде одобрена од сите членки на НАТО и додека Финска доби зелено светло во април, Турција и Унгарија допрва треба да го одобрат влезот на Шведска. Будимпешта соопшти дека ќе го стори тоа кога Турција ќе го стори истото.

Предвидено е Ердоган да се сретне со Џо Бајден во Вилнус на маргините на самитот, каде се очекува американскиот претседател уште еднаш да се обиде да го убеди турскиот колега да го одобри шведското членство.

Турскиот претседател вели дека Шведска e засолниште за членови на милитантни групи, главно поддржувачи на Курдистанската работничка партија (ПКК), која тој ја обвинува за организирање протести и финансирање терористички групи.

Шведска соопшти дека ги исполнила барањата договорени во преговорите со Турција, вклучително и воведувањето на нов закон што го прави незаконско членството во терористичка организација.

Во петокот, Ердоган вети дека ќе ја донесе „најдобрата одлука, каква и да е таа“, практично велејќи дека сите опции сè уште се на маса.

Клучот, сепак, може да биде во Вашингтон: аналитичарите проценуваат дека зеленото светло на Турција за Шведска е условено со испораката на американските борбени авиони Ф-16 во Анкара, што Турција го негира.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ