НАТО многу сериозно ги сфаќа настаните на северот на Косово и Кфор ги презема сите неопходни мерки за да обезбеди безбедна и сигурна средина и слобода на движење за сите заедници, врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, изјави портпаролката на НАТО, Оана Лунџеску.
Кфор е решен да го спроведе својот мандат, што покажа неодамнешното дополнително распоредување на 500 војници, како што е објавено на веб-страницата на НАТО.
„Уште еднаш ги потсетуваме сите страни за нивните обврски кон Кфор врз основа на Воено-техничкиот договор, вклучително и почитувањето на административната линија, процедурите за косовската полиција и Договорот од 2013 година за распоредувањето на косовските безбедносни сили на северот на Косово“, се вели во соопштението на портпаролката на НАТО.
Се додава дека овие обврски се дизајнирани да обезбедат координирана акција, да се избегне ескалација и да се зачува безбедна и сигурна средина.