Денис Ампев, координатор на Програмата за намалување на штети од употреба на дрога и крвно-сексуално преносливи инфекции-Младински клуб-Штип, за МИА вели дека со откажување на финансиите ќе замрат теренски активности и ќе се зголеми опасноста од зараза со ХИВ-СИДА, хепатит Б и Ц, маларија и туберколоза. Според него, проблемите почнуваат од 2017 година, кога политичките партии во земјава потпишале декларација дека ќе ги поддржуваат Програмите од Глобалниот фонд. Невладините заедно со Министерството за здравство ја почнале новата национална Стратегија за борба против ХИВ-СИДА.
„Успевавме Македонија да ја ставиме на картата со најниска инфекција и новозаразени со ХИВ, што е огромен успех. Но, последните три години, овој период почнуваме да се гледаме и да реагираме за намалувањето на средствата, кои оваа година се намалени за над 50 отсто“, вели Ампев.
Посочува дека нискиот степен на инфекција со ХИВ не е случаен, туку резултат на теренска работа на невладините организации.
„Луѓе кои работат со целна популација одат на терен и вршат рана детекција на овие крвно-сексуални преносливи болести. Мислите ли дека едно лице кое инјектира дроги или еден сексуален работник сам ќе се пријави во болница да направи тест“, прашува Ампев.
Тој предупредува дека згаснувањето на овие организации ќе има погубни последици, посебно за градовите во внатрешноста.
„Луѓето со ризично однесување ќе завршат пред вратите на институциите, а мислам дека институциите и градските власти на градовите не се свесни каков проблем ги чека, ако згасне ваквиот вид на третмани“, додаде Ампев.
Посочува дека до пред шест години Младински клуб и останатите организации во земјава се финансираа од глобалниот фонд на Светската здравствена организација (СЗО), чија цел е до 2025 година целосно да се искорени болеста. Но, откако тие се повлекоа, Владата и покрај потпишана декларација дека борбата со вирусните заболувања ќе ја продолжи, средствата за оваа намена ги редуцира.
„Минатата година финансиите ни ги скратија на пола, оваа година повторно на половина, стапката на инфлација е зголемена, така што со средствата што сега се определени нема да можеме да набавиме медицински материјал за да поделиме помеѓу популацијата, а во никој случај да платиме нешто друго“, рече Ампев.
Колку е сериозен овој проблем се огледа и во фактот што само во Штип има над 300 корисници на ЛИД програмата, а канцеларијата веќе трет месец работи на волонтерска основа. Во изминатите 17 години поделени се над 80.000 комплети со шприцеви, игли, кондоми, лубриканти и едукативен материјал.
Ампев апелира проблемот да се сфати сериозно, ја посочува Романија, која не успеала да ги преземе програмите од Глобалниот фонд, поради ова има стапка од зголемување на ХИВ инфекцијата од 300 отсто.
„Така ако кај нас не се преземе нешто, може да се очекува зголемување на ХИВ инфекцијата, дури и таму каде што немаше. Овде не станува збор само за ХИВ, превенција правиме и на хепатитис Б, Ц, малерија и туберколоза“, вели Ампев.