Првиот мобилен телефонски повик го направил на 3 април 1973 година инженерот и изумител Марти Купер од улиците на Њујорк, користејќи телефон тежок околу еден килограм и со траење на батеријата од 25 минути.
Купер го нарекуваат татко на мобилните телефони, затоа што својата пионерска работа со тим во компанијата Моторола ја насочил кон развојот на комерцијалните мобилни телефони ДинаТАК 8000икс, со познатата форма на тула, десет години откако прототипот беше употребен за првиот повик. Тој телефон се продаваше за околу 4.000 долари.
Првиот мобилен телефон беше скап и не многу функционален, но уште тогаш се предвидуваше дека мобилната телефонија може да се развие до тој степен што еден ден секој ќе има мобилен телефон. Ова е потврдено со постојаниот раст на мобилната индустрија и мрежи, како и развојот на мобилните уреди, кои веќе долго време не се само средство за разговор.
Во светот има повеќе од 8,4 милијарди СИМ-конекции, што го нагласува големото социјално влијание што го има мобилниот телефон. Тој е најкористениот уред за потрошувачка електроника во историјата и веќе имаме повеќе мобилни телефони отколку луѓе во светот.