петок, 25 октомври 2024
Дојче веле

Полска игра поголема улога во уништувањето на Северен тек отколку што се мислеше

Објавено на

часот

Сподели

Досега познатата приказна за едрилицата Андромеда, за која се вели дека одиграла клучна улога во нападите на гасоводот Северен тек, е следнава: откако Андромеда го напуштила пристаништето на германскиот остров Риген, се упатила преку отворено море – директно – до малиот дански остров Кристијансо. Набргу потоа, на крајот на септември, дошло до експлозии на гасоводните цевки.

Но сега има нови индикации дека рутата на едрилицата можела да биде поинаква: Андромеда очигледно не пловела директно – туку пред тоа поминала извесно време во Полска. Ова сега полските власти и официјално им го потврдија на заедничките истражувачки новинари од Германија и други земји.

Дванаесет часа во Полска

Според Јавното обвинителство во Гдањск, истрагата покажала дека Андромеда – со шест лица во неа – испловила од пристаништето Виек во германски Риген и пристигнала во Полска. По 12-часовен престој таа повторно ги напуштила полските води. Полските граничари дури го контролирале екипажот на едрилицата.

Обвинителството сепак нагласува дека според резултатите од истрагата, за време на неговиот престој во пристаништето на бродот не бил натоварен ниеден предмет и доаѓа до привремен заклучок: „Истрагата нема директни докази дека лицата на едрилицата биле вмешани во оштетувањето на гасоводот Северен тек“. Овие нови изјави од Полска за резултатите од истрагата го надминуваат она што досега ѝ беше соопштено на јавноста.

Но, како што покажуваат и новинарските истражувања, постојат и други индикации за текот на патувањето и за времето на престој на Андромеда во Полска: како што се наведува, едрилицата на 19.9.2022 година, веројатно на враќање во Германија, пристигна во пристаништето Колберг, во Полска. Недолго потоа таа повторно испловила. Ова го потврдила една пристанишна работничка во Колберг.

Притисокот врз Полска неодамна се зголемил откако било разговарано за улогата на Варшава во нападот. Слично на Украина, Полска отсекогаш цврсто го одбиваше проектот за гасоводот Северен тек 2. Јавното обвинителство во Гдањск сега тврди дека „нема докази што укажуваат дека полски државјани биле вмешани во експлозијата на гасоводот“.

Германските инспектори не исклучуваат никакво сценарио

Сепак, германските инспектори сѐ уште не исклучуваат никакво сценарио за напад на гасоводот. Тие веќе неколку месеци ги следат трагите на околу 15 метри долгата Андромеда. Се вели дека едрилицата најпрво отпловила од Росток до Риген. Наводно лицата на Андромеда на чартер-компанијата ѝ дале фалсификувани пасоши. Федералната канцеларија за криминалистичка полиција (БКА) подоцна открила траги од експлозив на таа едрилица.

Само неколку месеци пред експлозиите на Северен тек, холандската воена разузнавачка служба МИВД предупреди токму на такво сценарио: шпионите од Холандија очигледно биле информирани за план за напад на гасоводот Северен тек 1. Според овие информации од јуни 2022 година, Украинците наводно планираат да изнајмат брод за да го искористат за напад врз гасоводот.

Се вели дека дојавата од Холандија првично завршила кај ЦИА, која потоа ги известила европските партнерски агенции, вклучително и германската БНД – иако рекла дека таков план за напад е малку веројатен.

Меѓутоа, по нападот на гасоводот Северен тек, холандските воени разузнавачи повторно се огласиле, велејќи дека нападот го извршиле Украинци, најверојатно со брод изнајмен на германскиот брег на Балтичко Море. За ова, меѓу другото, објавија германскиот јавен сервис АРД и весникот Ди цајт. И така германските истражители од БКА и Федералната полиција всушност стигнале до Андромеда.

Германските и полските истражители се сретнале во средината на мај

Трагите брзо воделе во правец на Украина. Тоа политички е мошне деликатно со оглед на блиската соработка против рускиот агресор. Германците долго време се воздржувале од испраќање официјални барања за правна помош.

Со Варшава, тие првпат се осмелиле да одат понатаму: германски и полски истражители се состанале во Полска во средината на мај, а БКА, како што се вели, издала европска потерница за спроведување или давање помош во истрагата.

На пример, германските истражители се заинтересирани за заднината на една сомнителна компанија со седиште во Варшава. За Андромеда се вели дека била изнајмена преку наводната туристичка агенција Ферија Лвов, која очигледно постои само на хартија – т.е. како класична фирма од типот „поштенско сандаче“ има простории и адреса, но всушност служи за некои заткулисни активности. Пред неколку дена бил претресен деловен простор во Варшава, според безбедносните кругови, но ова сѐ уште не е официјално потврдено.

Размената со Украина би можела да биде посложена. Според истрагата на новинарите, германските власти претпоставуваат дека еден од осомничените е украински државјанин: маж на средни дваесетти години од град југоисточно од Киев. Велат дека претходно служел во пешадиска единица. За да ја споредат неговата ДНК, германските истражители, според извештаите, на крајот на мај, посетиле жена во Франкфурт на Одра – која има дете со Украинецот.

Исходот е неизвесен

Неизвесно е како ќе се одвива истрагата во наредните недели. Германскиот јавен обвинител не сака да дава официјални изјави. Се наведува дека во моментов се подготвуваат нови барања за давање правна помош и во други земји во Скандинавија – но и во источна Европа.

Канцеларот Олаф Шолц, додуша, минатата недела изјави дека има „многу голем“ интерес за разјаснување за нападите на Северен тек – но не сакаше да зборува за трагата што води до Украина. „Разузнавачките податоци се тајни, а кога работите одат добро, тоа така и останува“, рече Шолц.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ