петок, 25 октомври 2024

Политико: Како ЕУ може да се прошири

Објавено на

часот

Сподели

Дури и во најдобрите времиња, проширувањето води кон намалување на моќта на постојните членки. А ако тоа значи и економски трошок, отпорот уште повеќе расте. Освен тоа, доколку не постои убедлива безбедносна причина, а кандидатите се влечкаат со реформите, процесот повторно замрзнува, вели Натали Точи за Политико.

Таква е ситуацијата со Западен Балкан и Турција: економии под просекот на ЕУ, слабо владеење, несовршени демократии, нерешени конфликти и политизација на проширувањето – заедно со безбедносната гаранција обезбедена со членството на Турција, Албанија, Северна Македонија и Црна Гора во НАТО, како и присуството на алијансата на Косово – долго време ја слабеат желбата за проширување.

Сепак, руската инвазија на Украина и можноста за пристапување на таканаречената „источна тројка“ (Украина, Молдавија и Грузија) го вратија проширувањето на европската агенда. Во овие случаи, повторно зборуваме за релативно сиромашни земји, кревки демократии и нерешени конфликти. И овде ЕУ би го избегнала проширувањето кога би можела. Но не може.

Досега, ниту една од земјите од источната тројка го нема луксузот за членство во НАТО и, со оглед на руската закана, сега зад проширувањето на ЕУ стои егзистенцијална безбедносна причина. Така, имајќи предвид дека проширувањето треба да се случи, земјите-членки се прашуваат што всушност значи тоа – и остануваат многу прашања што треба да се одговорат во наредните месеци и години.

Прво, која земја да се прими во ЕУ? Во моментов добри шанси има источната тројка – особено Украина, а ѝ се приклучува и Молдавија. Сè додека трае војната и реконструкцијата останува приоритет на ЕУ, пристапот на Украина ќе биде значаен политички фокус.

Ова го покренува прашањето за одвојување на источната тројка од Балканот, каде што безбедносниот императив за проширување е послаб, реформите се побавни, а решавањето на конфликтите е тромаво. Сепак, на тоа ќе се спротивстават членовите на блокот што се заинтересирани за тој регион – и ќе ја постигнат својата цел. Кога Украина, Молдавија и Грузија станаа кандидати минатата година, Босна и Херцеговина исто така доби кандидатура, додека Албанија и Северна Македонија ги почнаа пристапните преговори. И додека Киев и Кишињев се движат кон добивање зелено светло за пристапните преговори во декември, напорите за нивно поврзување со Западен Балкан ќе продолжат.

Сепак, тоа не значи дека ЕУ во следната деценија ќе доживее уште едно големо проширување од сегашните 27 на 35 или 36 членки. Таквиот пристап на „мега-пакет“ може уште еднаш да доведе до застој во проширувањето и/или целосно непочитување на реформските приоритети и на процесот заснован на правила. И иако проширувањето сега го води безбедносната логика, тоа не значи дека треба да се отфрли неговиот трансформативен принцип.

Освен тоа, една голема експанзија веројатно би се случила за една деценија или повеќе, веројатно долго по завршувањето на војната, и треба да се очекува дека дотогаш политичката волја за тоа ќе избледни. Така, оние што веруваат во експанзијата, како мене, се прашуваат како да се задржи импулсот.

Всушност, ако реформите се забрзаат и се стабилни, малите земји како Молдавија на исток и Црна Гора на Балканот би можеле да бидат прифатени многу порано од пред една деценија, со што ќе се прекине парализата на проширувањето на ЕУ.

Ова е поврзано со клучното прашање за тоа како ќе расте блокот: иницијативата за проширување е суштински фокусирана на Украина, а сепак Украина е најголемата и најкомплексна земја за приклучување. Дури и со најдобри намери во Киев, во Брисел и низ европските метрополи, тешко е да се замисли како Украина би можела да стане членка на ЕУ за помалку од една деценија. Но војната се случува сега, така што стремежот за безбедност, реконструкција и демократска консолидација ќе му претходи на полноправното членство на земјата. Па како да се изведе тоа?

Тука влегуваат во игра идеите за постепена интеграција – и традиционалните, поврзани со влезот на единствениот пазар и поголем пристап до фондовите на ЕУ, и поиновативните, поврзани со вклучувањето на кандидатите во Европскиот зелен договор, дигиталниот пазар, индустриската политика и надворешната и безбедносната политика. Сѐ додека овие секторски договори не станат алтернатива за членството, треба да се работи на постепено вклучување на Украина.

д

И можеби уште една голема земја – Обединетото Кралство – на крај би можела да го следи патот на постепено враќање во блокот и да постигне такви секторски договори во следната деценија. Доколку ЕУ се прошири и прими неколку (мали) нови членки, правејќи вакви суштински договори, на патот кон полноправно членство, со Украина (и Британија) до 2034 година, тоа би било извонреден стратегиски потфат.

Ова нè доведува до последното прашање, во каква ЕУ ќе влезат новите членки. За разлика од претходните две децении, кога како причина, или изговор, за неширењето на блокот се претставуваше недостигот од продлабочување, сега со поголема искреност се гледа дека продлабочувањето се случува затоа што проширувањето е неопходно. Значи, какви реформи се потребни?

Најочигледните и најитни реформи, како и најлесни, се однесуваат на застапеноста: дали секоја земја-членка и натаму ќе назначува свој комесар? И како треба да се прераспределат местата во Европскиот парламент и правото на глас во Европскиот совет?

Во овој поглед, Лисабонскиот договор нуди пат што треба да се следи. Правилата се поставени и треба да се применуваат кога ќе се појави потреба за тоа.

Постои, исто така, прашањето за донесување одлуки – особено усвојувањето гласање со квалификувано мнозинство во областите како што се надворешната политика, санкциите и оданочувањето – што привлече најголемо внимание. Се разбира, тоа се исклучително важни прашања сами по себе, но ако зборуваме прецизно, тие не се услови за проширување. Едногласноста може да ги забави работите, но не го запира процесот. Едноставно, добра идеја е блокот, кој ќе продолжи да се соочува со кризи, да може брзо и ефикасно да реагира на нив. И иако не постои желба да се отвори Договорот за ЕУ ​​за да се постигне ова, некои земји-членки сѐ повеќе се наклонети кон идејата за употреба на конструктивна апстиненција и на клаузулата за предворје, како што предложија група министри за надворешни работи на ЕУ.

Во меѓувреме, најтешките прашања – особено кога станува збор за Украина – се однесуваат на политиките што имаат големи финансиски импликации. Во рамките на подготовките за влезот на Украина, ЕУ ќе мора радикално да ги промени своите заеднички земјоделски и кохезивни политики и да смисли како да го вклучи Киев во следната повеќегодишна финансиска рамка, почнувајќи од 2028 година.

Тие дискусии теоретски би требало да почнат следната година, но ЕУ можеби веќе доцни со целосното вклопување на Украина во својот следен буџетски циклус. Сепак, имајќи предвид дека ЕУ планира да одвои 50 милијарди евра за реконструкција на Украина во следните четири години преку механизам сличен на Следна генерација ЕУ (NextGenerationEU) – а таа сума веројатно ќе расте – земјата потенцијално би можела да влезе во ЕУ дури и ако не е целосно интегрирана во буџетот 2028-2034 година, со оглед на улогата на блокот во вонбуџетското финансирање на Украина.

Кога Жан-Клод Јункер стана претседател на Европската комисија во 2014 година, тој предизвика непотребна возбуда кога го соопшти она што сите веќе го знаеја: дека проширувањето нема да се спроведе за време на неговиот мандат. Следниот претседател на Комисијата, кој ќе ја преземе функцијата во 2024 година, треба да ја испреврти изјавата на Јункер со тоа што ќе создаде позитивна возбуда заложувајќи се за она што сè уште никој немал храброст да го каже: дека проширувањето ќе биде спроведено во неговата смена.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ