понеделник, 25 ноември 2024

Политички „престрелки“ на релација ДУИ – коалиција Вреди

Навестувањето на идејата за можност за предвремени парламентарни избори, наредната година, кога треба да се одржат локалните избори, разгоре политичко „расчистување на сметките“ во албанскиот партиско-политички простор во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Во јавната комуникацијата со соопштенија на опозициската  ДУИ и коалицијата Вреди се изнесуваат меѓусебни обвинувања за корупција и криминал, како и „валкани алишта“ од времето на заедничкото политичко дејствување.

Од ДУИ, на кои им се препорачува да се реформираат, порачуваат дека реформите ги спровеле кога „криминализираните елементи ја напуштиле партијата“.

„ДУИ на дело покажа дека најголемите и најдлабоките реформи се случуваат кога самите криминализирани елементи ќе ја напуштат партијата. Најјасен пример е заминувањето на шефот на урбаниот криминал и слуга на коцкарската индустрија, Изет ‘Мегавин’ Меџити, кој сфати дека неговите криминални активности немаат простор и повеќе не можат да просперираат во ДУИ бидејќи не би го преминале партискиот и државниот ветинг.

Ова е доказ за нашата посветеност за чистење и зајакнување на нашите редови за заштита на интересите на граѓаните и обезбедување чиста и чесна политика.

Тие што ја напаѓаат ДУИ со соопштенија напишани од нивните сопственици ВМРО ДПМНЕ и преведени на албански јазик, мора да сфатат дека нивните напори се предодредени да пропаднат пред нашата определба за интегритет и напредок.

Тие што треба да сносат одговорност се во Владата, вие ги имате на вашата десна страна, а од криминалци ги ‘реформиравте’ во џентелмени.

Сите тие во месец мај јавно ветија дека доколку изгубат со еден глас помалку ќе поднесат оставки од своите партии, но не го одржаа зборот.

Истите, ветија дека ако не се смени уставот за 6 месеци, ќе си заминат од Владата, повторно излажаа.

Само споени избори ја запираат оваа пандемија на лаги, неуспеси и понижување на Албанците од денешните вазали, затоа немојте да се плашите и дојдете да се измериме на избори“, се наведува во соопштението на ДУИ.

Речиси во мигот на објава на соопштението на ДУИ, беше возвратено со контрасоопштение од коалицијата Вреди, во кое се вели дека „ со блеферска реторика ДУИ потврди дека барањето за предвремени парламентарни избори служи само за да се прикрие стравот од правосудна одговорност за криминалот“

„Не му е лесно на Ахмети кога разбира дека од САД се интересираат за трансакциите за фамилијарниот имот Соравија. Од страв ги помешале лончињата и ги истураат опозициските фрустрации кон Изет Меџити, кој пред две години јасно предупреди дека корупцијата ќе го однесе ДУИ во опозиција.

ДУИ престана да се занимава со правата на Албанците во моментот кога стана организација за лично и фамилијарно богатење на поединци. Кралевите на коцката и проституцијата од ДУИ, гревовите за ‘Мегавин’ нека си ги бараат кај Артан и Прпарим. Нека си ги гледаат и релациите со Белград и српската коцкарска мафија, блиска до ДУИ.

Со оваа блеферска реторика ДУИ потврди дека барањето за предвремени парламентарни избори служи само за да се прикрие стравот од правосудна одговорност за криминалот. ДУИ би сакале наместо одговорност за крадењето, повторно да си тераат изборна кампања. Тоа нема да се случи. Сега ништо не зависи и не се одлучува од ДУИ.

ДУИ сè  уште не разбрале дека за нивните водечки луѓе повеќе нема место ни на домашната, ни на меѓународната политичка сцена. Ќе разберат, ама до тогаш, она што остана од ДУИ дополнително ќе го уништат. ДУИ се движи кон неизбежен политички крах на претстојните локални избори, избирајќи да настапи со корумпираното и компромитирано раководство кое е олицетворение на злоупотреба и лични интереси. Со лица како Садула Дураку, Талат Џафери, Муса Џафери, Пуцко Петрол и Блерим Беџети, кои се длабоко  вмешани во сомнителни зделки и афери, а дел од нив се и на црната листа на САД, ДУИ ја покажува својата целосна ароганција, отсутност од реалноста, но пред сè безобразност пред граѓаните“, се наведува во одговорот на коалицијата Вреди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ