петок, 25 октомври 2024
„Најопасниот човек во Америка“

Почина Даниел Елсберг, свиркачот што ги обелодени Пентагон-документите за војната во Виетнам

Објавено на

часот

Сподели

Даниел Елсберг, американскиот воен аналитичар што ги објави доверливите „Пентагон-документи“ за Виетнамската војна, откривајќи ја измамата на американската влада за војната и покренувајќи голема битка за слободата на печатот, почина во петокот на 92-годишна возраст.

Долго пред Едвард Сноуден и Викиликс да ги откријат владините тајни во име на транспарентноста, Елсберг им даде до знаење на Американците дека нивната влада е способна да ги измами, па дури и да ги лаже. Во подоцнежните години, Елсберг ќе стане застапник за свиркачите и дојавувачите, а неговото протекување на „Пентагон-документите“ беше прикажано во филмот „Пост“ од 2017 година, вели Ројтерс.

Елсберг во 1971 година тајно им пристапил на медиумите со надеж дека ќе го забрза крајот на Виетнамската војна. Ова го направило мета на клеветничка кампања на Никсоновата Белата куќа, потсетува Ројтерс. Хенри Кисинџер, кој во тоа време беше советник за национална безбедност на претседателот, го нарече „најопасниот човек во Америка, кој мора да биде запрен по секоја цена“.

Кога во средината на 1960-тите отишол во Сајгон за Стејт департментот, Елсберг имал импресивно резиме. Имал стекнато три дипломи на Харвард, служел во Маринскиот корпус и работел во Пентагон и корпорацијата РАНД, влијателен истражувачки центар за политика.

Бил посветен воин од Студената војна и виетнамски јастреб во тоа време. Но Елсберг во својата книга од 2003 година, „Тајни: мемоари за Виетнам и за Пентагон-документите“, рече дека поминала само една недела од неговата двегодишна должност во Сајгон кога сфатил дека Соединетите Држави се во војна во која нема да победат.

Во меѓувреме, по наредба на министерот за одбрана Роберт Мекнамара, официјалните лица на Пентагон тајно составувале извештај од 7.000 страници за американското учество во Виетнам од 1945 до 1967 година. Кога извештајот бил завршен во 1969 година, две од 15-те објавени копии отишле во корпорацијата РАНД, каде што повторно работел Елсберг.

Со својата нова перспектива за војната, Елсберг почнал да присуствува на мировните собири. Тој рече дека бил инспириран да ги ископира „Пентагон-документите“ откако слушнал еден антивоен демонстрант како вели дека му се радува на одењето во затвор затоа што се спротивставил на регрутацијата.

Елсберг почнал да се искрадува со тајниот извештај од канцеларијата на РАНД и да го копира ноќе на изнајмена фотокопир-машина – користејќи ги како помошници својот 13-годишен син и 10-годишната ќерка. Документите ги зел со себе кога се преселил во Бостон на работа во Технолошкиот институт во Масачусетс и на крај чекал година и пол пред да ги проследи страниците до Њујорк тајмс.

На 13 јуни 1971 година Тајмс го објави својот прв дел од „Пентагон-документите“, а администрацијата на претседателот Ричард Никсон брзо побара од судијата да го запре натамошното објавување. Никсоновото тврдење за извршната власт и повикувањето на Законот за шпионажа предизвикаа борба за слободата на печатот поради екстремната цензура на претходното ограничување.

Следниот потег на Елсберг бил да му ги даде Пентагон-документите на Вашингтон пост и на десетици други весници. Во случајот „Њујорк тајмс против САД“, Врховниот суд помалку од три недели по првото објавување пресуди дека печатот има право да ги објавува документите, и Тајмс продолжи да ги објавува.

Извештајот вели дека американските власти заклучиле дека веројатно не можат да победат во војната и дека претседателот Џон Ф. Кенеди одобрил планови за државен удар за да се собори јужновиетнамскиот лидер. Се вели и дека наследникот на Кенеди, Линдон Џонсон, планирал да ја прошири војната, меѓу другото и да го бомбардира Северен Виетнам, и покрај тоа што за време на кампањата во 1964 година изјавил дека нема. Весникот, исто така, откри дека имало тајни американски бомбардирања во Камбоџа и Лаос и дека бројот на загинатите е поголем од пријавеното.

Во бегство

Тајмс никогаш не кажа кој ги дал документите, но ФБИ брзо го сфатило тоа. Елсберг околу две недели се криел, а потоа се предал во Бостон.

„Чувствував дека како американски граѓанин, како одговорен граѓанин, повеќе не можам да соработувам во криењето на овие информации од американската јавност“, рече тогаш Елсберг. „Ова јасно го направив на сопствен ризик и подготвен сум да одговорам на сите последици од оваа одлука.“

Ќе рече дека му е жал што не ги доставил документите порано.

Иако „Пентагон-документите“ не го содржеле начинот на кој Никсон се справувал со Виетнам, единицата „водоводџии“ на Белата куќа, која подоцна ќе го изврши Вотергејт-упадот, што доведе до пад на Никсон, добиле наредба да го запрат натамошното протекување и да го дискредитираат Елсберг.

Два и пол месеци по првичното објавување, двајца мажи што подоцна ќе бидат истакнати актери во Вотергејт – Г. Гордон Лиди и Е. Хауард Хант – упаднаа во канцеларијата на Елсберговиот психијатар за да бараат инкриминирачки докази.

Елсберг и еден негов колега од РАНД на крај беа обвинети за шпионажа, кражба и заговор. Но на нивното судење во 1973 година случајот беше отфрлен врз основа на недолично однесување на владата кога била откриена кражбата.

Во неговите подоцнежни години, Елсберг, кој е роден на 7 април 1931 година, во Чикаго, стана писател и предавач во кампањата за владина транспарентност и против ширење на нуклеарното оружје.

Тој рече дека Сноуден, соработник на Агенцијата за национална безбедност, кој на новинарите им даде илјадници доверливи документи за владиното собирање информации пред да избега од земјата, не направил ништо лошо. Тој, исто така, рече дека го смета војникот Челзи Менинг за херој затоа што му предаде куп владини досиеја на Викиликс.

Неговите книги се „Машина на судниот ден: исповеди на еден планер на нуклеарна војна“ во 2017 година и „Тајни: мемоари за Виетнам и за Пентагон-документите“ во 2002 година.

Некогаш строго доверливите документи што Елсберг ѝ ги откри на јавноста сега може да се прочитаат онлајн.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ