понеделник, 25 ноември 2024

По тригодишен застој пуштен во функција хидросистемот Ѓавато

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и пратеникот Миле Цеков, по тригодишен застој, денеска го пуштија повторно во функција Хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ со кој од бунарите во Ѓавато, богданско, се врши дотур на вода во Дојранското Езеро. Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов изјави дека иако Меџити објави дека повторно се пушта во употреба системот, сепак не е така и тоа било само сликање.

Фото: Социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Имено, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, неодамна Владата ја усвои информацијата за ставање во функција на овој хидросистем и после речиси три години застој во работата, водите на Дојранското Езеро повторно ќе се надополнуваат.

„Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се залагаат да се изнајде решение за финансиските средства за во блиска идина да се реконструира целосно овој хидросистем“, изјави Меџити нагласувајќи дека за повторно функционирање на хидросистемот е потребна реконструкција на самиот цевковод и набавка на неколку нови потопни пумпи.

Пратеникот Миле Цеков изјави дека претходната Влада и сегашната општинската власт скоро три години не нашле решение за овој проблем, за кој новата Влада најде решение за помалку од половина година.

„Благодарност до министерот Изет Меџити што поднесе Предлог – одлука до Владата, за решавање на овој наследен предизвик кој не беше решен скоро три години“, изјави Цеков.

На Бунарско подрачје Ѓавато моментално има технички исправни три потопни пумпи-пумпите 3, 7 и 8 кои се ставија во функција, а за останатите е потребна реконструкција.

Заради сушата и неработењето на хидросистемот во изминатиот период, нивото на водостојот на Дојранското Езеро е 76 сантиметри под дозволениот минимум и доколку продолжи ваквиот тренд нивото може и дополнително да се намали со оглед дека и хидролошка состојба е неповолна. 

Истовремено, во организација на Општина Дојран денеска се одржа голема еколошка акција за чистење на крајбрежјето. Во акцијата учествуваа голем број граѓани, како и багери и механизација, а се чистеше брегот на езерото во Стар Дојран од плоштадот Под јаворите до некогашната Струмичка плажа.

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, се заблагодари на сите што учествуваа во денешната акција и притоа истакна дека врвен приорите е Дојранското Езеро.

„Хидросистемот мора да се реконструира и да се стави во функција. Благодарност за усвоената информација од Владата и укажаното разбирање за проблемот со хидросистемот и моменталната ситуација, која беше поднесена од страна на Општина Дојран. Но морам да истакнам дека денеска, иако ресорниот министер објави дека повторно се пушта во употреба системот, сепак не е така и тоа беше само сликање. Наша цел е е системот целосно да проработи и да биде во функција“, изјави Ангов.

Тој се заблагодари и до сите кои се потрудија без разлика на политичка или било каква определба и придонеле да се подигне на повисоко ниво овој голем проблем.

Според него, со денешната акција покажале како треба да изгледа грижата за Дојранското Езеро која треба да биде заедничка, сплотена и без поделби. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ