петок, 22 ноември 2024

Платформа за родова еднаквост бара построги казни за злосторствата против девојчиња и жени

Пресудата која Основниот Кривичен Суд во Скопје ја донесе против 13 луѓе за трговија со дете, полов напад и силување, и производство и дистрибуција на детска порнографија е огромно разочарување и несоодветно ја рефлектира тежината на извршените дела, реагираат од Платформата за родова еднаквост.

 

Објавено на

часот

Сподели

Од Платформата сметаат дека кривичните дела трговија со дете, полов напад и силување, и производство и дистрибуција на детска порнографија не се само сериозно нарушување на правата на жртвата туку и директен напад врз основите на родовата еднаквост и заштита на децата.

„Изречените затворски казни под законски утврдениот минимум за вакви сериозни дела од организиран криминал, ја минимизираат правата тежина на овие дела и со тоа ја амнестираат кривичната одговорност на сторителите. Ваквите ублажени казни, наместо да ги одвратат од сторување на исти или слични дела може да ги охрабрат мажите во иднина повторно да вршат вакви форми на родово базирано и сексуално насилство. Тривијализирањето на страдањето на жртвите и во јавноста праќа вознемирувачка порака за тоа како нашето општество ја вреднува безбедноста и добросостојбата на девојчињата и жените“, се наведува во соопштението на Платформата за родова еднаквост.

Дополнително, велат оттаму, судот, иако „имаше обврска да одлучи за барањето за надомест на штета од страна на жртвата, истото го одби, а жртвата ја упати своето право да го остварува во граѓанска постапка. Секое дополнително одлагање на правдата претставува виктимизација за жртвата и го оневозможува нејзиното опоравување и реинтеграција“.

За Платформтата за родова еднаквост уште позагрижувачки е наративот на одбраната кој индиректно ја обвини малолетната жртва, па наместо фокусот да се кривичните дела на извршителите, карактерот и минатото на жртвата беа истакнати како причини кои го оправдуваат нарушувањето на телесниот интегритет, безбедноста и благосостојбата.

„Ваквиот дискурс во јавноста само ги зајакнува опасните стереотипи, ја одржува системската дискриминација и може да ги обесхрабри другите жртви на насилство да бараат правда. Карактерот на жртвата не е составен дел на обележјето на кривичните дела и не може да биде аргумент за одбрана на сторителите на трговија со дете и силување. Нејзиното минато и личните околности не смеат да се користат за оправдување или намалување на злосторствата извршени против неа. Со ова се одвлекува фокусот дека злосторството започнува со заведување на малолетно лице и дека наштетувањето на честа и угледот на малолетното девојче е направено токму од страна на злосторниците преку уцена и присилување, до полов напад, силување и трговија со дете“, потенцираат од Платформата.

Оттаму уште велат дека од друга страна, не може да се занемари отсуството на било каква јавна реакција на Јавното обвинителство за борба против организиран криминал „по однос на вака утврдени санкции за овие сериозни дела и погоре споменатите изјави на судот и одбраната“.

Од Платформата за родова еднаквост очекуваат Адвокатската комора но и другите професионални здруженија и тела од правосудниот систем како Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да го следат овој случај и да постапат согласно законските одредби и Етичките кодекси.

„Затоа, бараме одговорност за правните професионалци кои прибегнуваат кон неетичко обвинување на жртви, бидејќи тоа ги поткопува принципите на правда и еднаквост. Нашата платформа уште еднаш ја повторува посветеноста во залагањето за правата и достоинството на сите жртви на родово-базирано насилство. Платформата за родова еднаквост го повикува второстепениот суд при разгледувањето на случајот да ја има предвид родовата перспектива, распространетоста на овие кривични дела и последиците врз жртвата, но и врз сите засрамени и замолчени жртви кои не се охрабриле да преземат дејствие. Второстепениот суд има можност да донесе правда со изрекување на соодветни и пропорционални казни кои ќе имаат за цел да ги одвратат и другите потенцијални сторители на вакви злосторства и да досуди правичен надоместок за жртвата“, нагласуваат од Платформата за родова еднаквост.

Поради ова, оттаму велат дека овој случај ја нагласува итната потреба од системски реформи, вклучително и построги казни за злосторства против девојчиња и жени.

„Остануваме вложени во напорите и притисокот да се отстранат мизогините наративи од правните постапки, а ја поттикнуваме јавноста будно да ја следи работата на институциите и да бара правда. А правдата мора да биде брза, фер и недвосмислена во осудата на оние кои нанесуваат штета на најранливите. Како што се приближуваме до почетокот на кампањата ’16 дена активизам против родово базирано насилство’, повикуваме на колективна солидарност и непоколеблива посветеност кон искоренување на родово базираното насилство во сите негови форми. Насилството, вкоренето во системските нееднаквости и патријархални норми, преку неказнивост и нормализација на злоставувањето продолжува несразмерно повеќе да ги погодува жените и маргинализираните лица на глобално ниво“, велат од Платформата за родова еднаквост.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ