Како што соопшти Министерството за одбрана, Петровска заедно со претседавачот со Воениот комитет на Алијансата адмиралот Роб Бауер, словенечкиот министер за одбрана Марјан Шарец и министерот за вооружените сили на Обединетото Кралство Џејмс Хипи, со модерација од поранешниот командант на Армијата на САД за Европа, генерал-потполковник во пензија Бен Хоџис, разговарала за состојбата на Косово, европските интеграции на земјите од регионот, регионалната соработка, како и поддршката за Украина и руското влијание во овој дел од Европа.
„Секоја инвестиција што ја правиме во одбраната не е инвестиција што ја правиме само затоа што сме земја членка на НАТО, но пред сѐ ја правиме за да го зајакнеме нашиот национален одбранбен систем и секако да придонесеме за колективниот систем на одбрана на НАТО. Следната година ќе одвоиме 2 отсто од бруто домашниот производ за одбрана, но уште поважно е дека повеќе од 30 отсто од тие средства ќе бидат инвестирани во модернизација и опремување“, нагласила министерката.
Таа посочила дека Македонија како членка на НАТО не е само корисник на придобивките од членството, туку и активно придонесува кон системот на колективна одбрана.
Во однос на хибридните закани и штетните дезинформации кои доаѓаат од разни актери, министерката истакнала дека целта на руските дезинформациски кампањи е да се поткопа авторитетот на министерството и неа лично како министерка и дека најдобриот начин за справување со ова влијание е транспарентноста, отвореноста и постојаната размена на информации.
Петровска посочила неколку примери, меѓу кои „дезинформацијата дека се намалува борбената готовност на армијата со донациите на воена опрема на Украина“, при што истакнала дека отпорноста се гради со повеќе чекори.
„Прв чекор е да сте свесни каде цели руското влијание во Северна Македонија и ние сме свесни за тоа. Второ треба да имаме јасна политичка посветеност дека сакаме да се справуваме со ова руско штетно влијание и ние тоа во Северна Македонија го имаме и трето е да преземеме одредени мерки и активности и го правиме тоа“, подвлекла министерката.
Таа додала дека изминатиот период повеќе од 20 луѓе беа прогласени за „персона нон грата“ зашто било утврдено дека тие не работат согласно дипломатските правила и дека се обидуваче да имаат негативно влијание на домашните работи и работата на институциите.
Според неа, земјите од Западен Балкан имаат слабости кои се препознаваат, но за разлика од западните демократии кои се обидуваат да помогнат во надминување на слабостите, Русија ги злоупотребува за продлабочување на разликите и создавање кризи.
За помошта и поддршката на Украина, министерката истакнала дека досега Македонија има донесено повеќе од десет одлуки за донација и дека државата е подготвена да ја продолжи оваа помош согласно барањата од Украина и домашните капацитети, сè додека е потребно.
„Ние сме свесни дека Украина се бори во војна која е важна за сите нас. Тие се борат за нивното право да живеат во суверена и независна земја како што е нивната, така што тие ја заслужуваат нашата поддршка на секој можен начин“, потенцирала министерката.
Министерот за одбрана на Словенија, Марјан Шарец зборувајќи за интегративните процеси во регионот, порачал дека членството во НАТО за Македонија и Црна Гора е одличен чекор, но дека треба да оди заедно со членството во Европската Унија.
„Присуството на Европската унија во регионот е најдобриот лек за тензиите на Балканот и затоа земјите од Западниот Балкан треба да станат полноправни членки на унијата колку е можно побрзо“, нагласил министерот Шарец.