На панел-дискусија во Битола на тема „Повеќе даночни приходи за побогато општество – перцепции и перспективи“, организирана во пресрет на Денот на даночните работници „29-ти Ноември – Св. Матеј“, Петрова нагласи дека посебен предизвик за УЈП е борбата против сивата економија и старт на проектот е-фактура.
„ Сивата економија е предизвик за УЈП но предизвик и за самата бизнис-заедница бидејќи претставува нивна нелојална конкуренција. Ако порано сивата економија беше на пазарите и на улиците, сега сивата економија е префрлена и на интернет, односно дел од онлајн- продажбите и трговија влегуваат во делот на сива економија, во делот на нерегистрирани даночни обврзници. Ние сметаме дека во овој дел исчекор може да се направи со воведување на системот е-фактура, бидејќи овој систем од аспект на УЈП и контролните механизами што треба да ги има УЈП ќе ги подобри можностите за контрола, бидејќи ќе ги обединува податоците за целиот промет во земјата, а со тоа полесно ќе се детектираат ризични трансакции. Во таа смисла, до крајот на месецов ќе почне постапката за јавна набавка за е-фактура, во текот на 2025 година ќе се работи на развојот на софтверско решение, креирање на регулативата и работа со даночните обврзници, а тоа значи дека системот е-фактура е планиран да стартува во 2026 година“, истакна Петрова.
Во изјава за медиумите Петрова потсети дека УЈП во делот на даночната политика и согласно определбата на Владата, ќе ја задржи политиката на ниски даночни стапки и сè што треба да претставува поголем инпут во националниот буџет.
„ Подобрата наплата на даночните приходи треба да произлезе од поголема ефикасност и ефективност на даночната администрација. За подобро собирање на даночните приходи и за побогато општество, перспективите се во поефикасна и поефективна администрација. Потпирајќи се на новите технологии, но и преку подобри начини на комуникација и информирање на даночните обврзници за правилно да ја разбираат регулативата и правилно да ги исполнуваат своите даночни обврски ќе се овозможи целосно доследно и објективно исполнување на сите законски овластувања што ги има УЈП во однос на сè она што претставува даночна евазија и ненавремено плаќање на даноците“, посочи Петрова.
На панел-дискусијата во Битола со свои презентации учествуваа експерти и соработници на Управата за јавни приходи, а на домаќинот, подружницата на УЈП во овој град му беше доделена плакета за успешно и ефикасно работење.