понеделник, 28 октомври 2024
Годишно обраќање на претседателот пред пратениците

Пендаровски: Стабилни меѓуетнички односи и продолжување на европскиот пат се клучни за државата

По изборите следната година, без оглед како ќе одлучат македонските граѓани, две работи се клучни за државата, одржување на стабилни меѓуетнички односи и западната ориентација во надворешната политика, односно продолжување на европската интеграција, кажа денеска меѓу другото претседателот на државата Стево Пендаровски во неговото годишно и последно како претседател обраќање пред пратениците. Тој говореше на повеќе теми, а акцент стави на евроинтегративниот процес на Македонија, за уставните измени, состојбите во правосудството, безбедноста на граѓаните, но и за позицијата на Македонија во однос на војната помеѓу Украина и Русија. 

Објавено на

часот

Сподели

„Наш приоритет треба да биде преку константен политички дијалог меѓу власта и опозицијата да го зголемиме внатрешниот потенцијал за постигнување консензус по битните национални прашања, а, во тој сегмент годинава се случи своевиден парадокс кога во март, меѓународната заедница, верувајќи во нашите капацитети, ни ја довери организацијата на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а во исто време, без асистенција на таа иста меѓународна заедница, преку дијалогот Жан Моне, немаше да го усогласиме новиот Деловник за работа на Собранието“, рече Пендаровски.

Претседателот на државата нагласи дека евентуалното забавување, уште повеќе, како, што посочи, целосното запирање на европските интеграции нема да се одрази добро врз ниту една сфера од општественото живеење, почнувајќи од економијата, па, сѐ до меѓуетничките односи.

„Ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во Унијата драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка за преговорите кои секогаш имаат неутрализирачки ефект наспроти структурите кои сакаат да ја поткопаат демократијата. Последните одлуки на Европскиот совет, за жал, го потврдија песимистичкото сценарио за Западниот Балкан, кое некои дипломатски кругови го најавуваа од почетокот на војната во Украина. Неспорно е дека ние не ја завршивме нашата домашна задача во однос на преземените обврски, но, тешко е да се пронајде логика и во последните одлуки на Брисел со кои практично беше целосно заобиколен регионот, што сигурно дополнително ќе придонесе за опаѓање на атрактивноста на проектот наречен ‘Обединета Европа’. Изјавата дека ќе биде геополитичка катастрофа ако Украина и Молдавија добијат приоритет во однос на Балканот не е моја, ниту на некој македонски политичар, туку на австрискиот министер за надворешни работи во која се содржани сите наши фрустрации и изневерена надеж“, рече Пендаровски.

Во годишното обраќање пред Парламентот, последен во неговиот петгодишен мандат, актуелниот шеф на државата, посочи дека идната година во Брисел и во Вашингтон, наши клучни стратешки партнери, ќе се одржат изборни циклуси од чиј исход ќе зависат многу работи.

„Растот на популизмот во Европа не е новост, но, како никогаш досега, популистичките сили добиваат политичка тежина и влијание во процесите со кои е опфатена и нашата држава. Сето ова се случува на фронот на војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток и геостратешката конкуренција меѓу двата клучни фактори во меѓународните односи. Предвидувањата се дека овие трендови нема суштински да се променат ниту во 2024 година“, рече Пендаровски.  

Дебатата за уставни измени да продолжи врз реални основи

Во однос на уставните промени, шефот на државата нагласи дека идниот собраниски состав ќе мора да ја продолжи дебатата врз реални основи и со далеку почесен однос кон македонската јавност.

„Кристално јасно е дека европската рамка не може да се промени на подобро, ниту билатералниот договор со Бугарија, независно кој е на власт во Брисел или во Софија“, порача претседателот на државата.

Во тој контекст го спомена Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, на кој, како што рече, како член на македонската делегација, директно сведочел за пропуштената историска прилика, поради национално неединство и ситни партиски калкулации.

„Десет години потоа, прифативме многу полош предлог, а, севкупно, изгубивме 12 години надвор од Алијансата. Не верувам дека историјата се повторува во идентични циклуси, меѓутоа, постојат сличности со тоа време во домашниот политички амбиент, при што, како и тогаш, некои мислат дека Европа и светот ќе чекаат на нас. Се разбира, политички е сосема легитимно да бидете против европската преговарачка рамка, но, политички е доблесно, исто така, да признаете дека постои огромна разлика помеѓу она што Бугарите го бараа од нас на почетокот, и она што од сите тие барања остана на крајот во тој документ“, истакна шефот на државата.

Тој изрази длабоко уверување дека ниту еден од денешната генерација политичари никогаш нема да преговара за идентитетските прашања, затоа што, како што посочи, „нашите црвени линии не ги утврдивме ние, нив одамна ги имаат утврдено оние кои ја формираа оваа држава во 1944-та година со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ“.

Пендаровски се осврна и на македонско-бугарските односи, нагласувајќи дека официјална Софија направила серија лоши потези, кои довеле до заладување на односите, но додаде дека во интерес на Македонија е да има продуктивна соработка со сите соседи.

„Дали владите на Бугарија во последниве години, сосема непотребно, повлекоа серија лоши потези кон македонскиот народ – повлекоа, дали довербата на Македонците кон источниот сосед во голема мерка е разнишана и ќе требаат години, можеби и генерации таа да се обнови – и тоа е неспорно, но, сигурно не е во наш стратешки интерес да правиме непријател од Бугарија, затоа што, наш интерес е да имаме стабилно опкружување и продуктивна соработка со сите соседи, наместо бесполезно да ја трошиме енергијата со нив, расправајќи се за историја“, нагласи Пендаровски.

Тој потенцираше дека со одлагање на уставните измени ќе се пропушти уште една прилика која може, како што рече, да не чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи, помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување. Во таа деценија, додаде претседателот, сигурно нема да ги вратиме младите од Канада, Австралија и Нов Зеланд, ниту од новите дестинации на „емигрантска Македонија“ – Емирати, Малта, Хрватска или Словенија.

Време е да се редефинира патриотизмот

Шефот на државата говореше и за негативните последици кои ги има поделеноста на македонското национално ткиво, нагласувајќи оти таа е плодна почна за странските пропаганди.

„Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза. Во таа смисла, обновените странски пропаганди ‘одлично’ си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас. Истовремено, крајно неодговорно е да си играме со чувствата на Македонецот и на темата страв од наводно губење на идентитетските атрибути, да печалиме ситни политички поени. Морам да повторам дека доколку обезличувањето на Македонецот е патот по кој треба да одиме за да стигнеме до Унијата, не познавам некој кој е подготвен да чекори по тој пат“, истакна Пендаровски.

Шефот на државата рече и дека во јавниот простор, на социјалните мрежи последниве години се водат вистински војни за тоа кој е поголем патриот или предавник.

„Крајно време е да го редефинираме патриотизмот, кој во една модерна форма, индивидуално и колективно треба да се темели на интегритетот на личноста и лојалноста кон државата. Патриотизам е кога не ја злоупотребувате функцијата за лично богатење, кога квалификувани лица доаѓаат на чело на институциите. Патриотизам е кога оставате простор вашите политичките противници слободно да го кажат своето мислење, кога покажувате витешки однос кон оние со кои не се согласувате, патриоти се оние кои работат за подобри јавни услуги, подобро образование и здравство, патриотите не ја загадуваат животната средина“, истакна Пендаровски во обраќањето пред пратениците. 

Ветинг и кривична одговорност за судиите, обвинителите и поитичарите

Пендаровски денеска од собраниската говорница во годишното обраќање пред пратениците упати порака до следниот парламентарен состав, веднаш по изборите да се почне процес на ветинг на судиите и обвинителите, но и на политичарите.

Пендаровски во обраќањето пред пратениците меѓудругото се осврна и на проблемот со корупцијата со кој се соочува земјата, нагласувајќи оти се создава впечаток дека странските фактори повеќе преземаат во насока на справување со овој негативен феномен, отколку самите институции.

„Тука, сакам на следниот Парламент да му го порачам она што веќе го имам јавно предложено неколку пати, веднаш по изборите да спроведеме прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај нас ‒ политичарите. И за секој, за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не само оставка, туку кривична постапка“, рече шефот на државата.

Пендаровски нагласи дека со години, како што рече, се соочуваме со отпори од повеќе страни при секој обид за суштински реформи во делот на правосудниот систем.

„Причина за тоа е спрегата помеѓу делови од политичката и бизнис заедница со дел од судиите и обвинителите која во изминатите децении создаде атмосфера во која развивме ендемска корупција која ја загрозува виталноста на државата. На среден и долг рок, клучен е квалитетот на човечкиот потенцијал, на кандидатите за судии и обвинители. Ниту еден закон не може да ја промени стварноста ако единствен критериум при изборот е негативната селекција базирана на партискиот клиентелизам и врски со олигархијата. Под одговорност за сторените дела не мислам на статистиката за осудени ‘џепџии’ која служи за замајување на јавноста, туку на бројот и квалитетот на правосилни пресуди од сферата на високата корупција и организираниот криминал. Само на тој начин ќе се потврди дека законите важат за сите, дури и за најмоќните и најбогатите“, рече тој.

Говорејќи за тоа дека за жал, се стекнува впечаток дека САД и ЕУ се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции, нагласи дека странските санкции не се доволни, не само затоа што не се проследени со домашни санкции.

„Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата, во меѓувреме, стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша еден странски амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето кој мора да се менува. При тоа, два аспекта на проблемот дополнително ги потенцираат неговите пропорции“, рече тој.

Првиот, како што напомена, е дека ако воопшто бидат поведени, процесите на висока корупција се исклучително бавни и неизвесни, со што, се засилува перцепцијата кај граѓаните дека правдата е бавна, но, недостижна.

Како втор аспект Пендаровски истакна дека и дури и малубројните успешно завршени судски процеси се ограничени на конкретен временски период, при што, речиси секогаш отсуствува континуитет во акциите на државата, особено по промените на власта на централно или локално ниво.

„Ваквите вакуум-периоди практично ги поништуваат ефектите од ретките успешно завршени случаи на корупција против носителите на јавни функции“, нагласи Пендаровски.

Тој се осврна и на случајот кој ја потресе македонската јавност, убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, при што упати порака дека државата мора системски да се справува со сите оние кои пропагираат антицивилизациски вредности и ја загадуваат колективната свест.

„Државата мора системски и навреме да ги маргинализира оние кои пропагираат антицивилизациски вредности за да превенираме некои идни убијци кои освен наши граѓани, деца, возрасни или старци, можат повторно да ја убијат и нашата колективна совест“, рече претседателот на државата, напоменувајќи дека крајот на оваа година ја донела најголемата тага во последната деценија.

„Преку личната трагедија на малата Вања и нејзиното семејство можевме како на дланка да ја видиме целата патологија на македонската транзиција, амбиентот кои сите ние, повеќе или помалку, го создававме во изминативе 32 години. Амбиент во кој, во јавниот простор, толериравме нелуѓе кои пропагираа меѓуетничка омраза и нетрпеливост, агресивни идеологии, говор на омраза, јавно упатуваа закани за линчувања на поединци и ликвидации на политички опоненти“, рече Пендаровски.

Претседателот со порака дека секој поединец, а особено политичарите, многу почесто и погласно треба да зборуваат против овие појави, наместо да веруваат во моќта на демократскиот систем дека ќе може да ги толерира и апсорбира ваквите екстреми.

„За жал, потфрли и севкупниот општествен систем затоа што во името на некаков погрешно разбран демократски плурализам не ги оневозможи овие индивидуи од натамошно загадување на јавниот простор. Механизмите на правната држава едноставно мораат на време да ги санкционираат сите оние кои користат говор на омраза кон политичките противници, кои навредуваат или се закануваат на луѓе од друга вера или нација, мора да бидат забранети политички партии и невладини организации кои работат спротивно од декларираното во основачките документи и, во суштина, ја злоупотребуваат демократијата како неспорна вредност на модерниот свет“, истакна шефот на државата во обраќањето во Собранието. 

Ѝ помагаме на Украина зашто и ние сме страдале од поглемите народи околу нас

Претседателот Пендаровски истакна дека суштинскиот и реалниот одговор зошто и помагаме толку на Украина е затоа што низ историјата сме страдале од поголемите народи околу нас, кои во некои историски периоди спроведувале деструктивни стратегии кон македонскиот народ, во опсег од наше идентитетско обезличување, па сѐ до наша физичка елиминација. 

„Ние сме меѓу првите пет држави-членки на Алијансата според односот меѓу бруто домашниот производ и воената и материјално-техничката помош што ѝ ја даваме на Украина во овој критичен период. Некои сосема легитимно го поставуваат прашањето, зошто имплементираме таква политика. Формалниот одговор би бил: тоа го правиме затоа што имаме обврска како членка на НАТО, каде што важи принципот на солидарност, и затоа што веруваме во Повелбата на Обединетите нации која не дозволува воена агресија на една своја земја-членка врз друга, рече Пендаровски. 

Агресијата на Русија врз Украина, како што кажа, ги поремети пазарите за храна и енергија во светот, но, пред сѐ, безбедносната инфраструктура во Европа создадена по падот на комунизмот. Иако Западниот Балкан е навидум доволно далеку од тој крај на светот, Пендаровски вели дека „не може да се исклучи дека во одреден контекст е можно зголемување на тензиите и во нашиот регион во кој има украински бегалци, руски државјани и фирми формирани од нив, зголемен интензитет на сајбер напади, а свој потенцијал имаат и старите, фрагилни точки во регионот, северот на Косово и ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина каде што клучна стабилизирачка улога имаат меѓународните мисии во кои и ние учествуваме“. 

Нашето членство во НАТО, како што вели шефот на државата, не е гаранција дека повеќе нема да се соочуваме со безбедносни закани и предизвици, бидејќи со нив се соочува секоја држава во светот, но членството е гаранција дека на предизвиците повеќе не им гледаме самите во очи туку со нас се 30  држави, 30 демократии, 30 моќни армии, 30 наши пријатели, и во добри и во лоши времиња.

Зборувајќи за актуелниот светски конфликт во моментов, меѓу Израел и Хамас, посочи дека политички став на Македонија е јасен со оглед на сите гласања досега во Обединетите нации.

Она што е најважно од аспект на нашите национални интереси, смета тој, потребно е внимателно и одговорно постапување на сите политички субјекти за тој судир да не ги продлабочи поделбите во нашето мултиетничко, но, и мултирелигиозно општество.

Пендаровски не е безгрешен ама секогаш работел во интерес на сите граѓани

Ова е последен годишен говор на претседателот Пендаровски, кому му завршува мандатот, а сѐ уште не се изјаснува дали ќе се кандидира повторно. 

„Во демократијата не постои политичар за кого нема и добри и лоши критики. И јас во мојот мандат сум бил и поддржуван и критикуван за одредени одлуки кои сум ги носел. Некогаш за моите јавно искажани ставови сум бил критикуван и од дел од оние кои ме поддржаа при изборот, на пример, за аферата ‘Рекет’, при ставањето вето на Законот за илегални градби или при покачувањето на функционерските плати. Но, секогаш во прв план ми биле интересите на граѓаните и на државата, пред нив секогаш сум бил транспарентен и од одговорност никогаш не сум избегнал“, рече Пендаровски.

За себе вели дека не бил безгрешен, како и дека никогаш немал лоша намера кон никого, никогаш во неговиот мандат не учествувал во валкани кампањи против политичките опоненти, иако од нив не бил поштеден, ниту тој, ниту семејството, никогаш не договарал тендери и провизии, не вработувал роднини и пријатели и никогаш за себе или за најблиските не побарал посебен третман. 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ