сабота, 26 октомври 2024

Папуа Нова Гвинеја: Повеќе од 2.000 луѓе се затрупани при лизгање на земјиште

Големото лизгање на земјиштето во Папуа Нова Гвинеја затрупа повеќе од 2.000 луѓе, изјавија во понеделникот властите на таа пацифичка земја пред ОН, со што новиот број на жртви е многу поголем од првичните проценки.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Свлечиштето затрупа повеќе од 2.000 живи луѓе и предизвика значителна материјална штета“, изјави тамошниот Центар за управување со катастрофи пред канцеларијата на ОН во главниот град Порт Морсби, пренесе АФП.

Планинското село во провинцијата Енга, во центарот на архипелагот, беше речиси целосно избришано кога дел од планината Мунгало се урна околу 3 часот наутро во петокот по локално време, затрупувајќи десетици куќи и изненадувајќи ги заспаните жители.

Проценетата бројка на жртви веќе се искачи на 670 овој викенд, кога спасувачите сфатија дека селото погодено од одронот има повеќе жители од проценетото.

Свлечиштето предизвика „значително уништување на објекти, насади и има големо влијание врз економијата на земјата“, проценува Центарот за управување со катастрофи.

„Ситуацијата останува нестабилна бидејќи свлечиштето продолжува бавно да се движи, што претставува постојана опасност за спасувачките екипи и преживеаните“, предупредуваат властите во своето писмо.

Обемот на катастрофата бара „итна и координирана акција од сите актери“, вклучувајќи ги воените и националните и регионалните служби за помош.

Агенцијата ја повика меѓународната заедница на помош, барајќи од Обединетите нации да ги информираат развојните партнери на Папуа Нова Гвинеја „и другите меѓународни пријатели“ за ситуацијата.

Серхан Акторпрак, шеф на агенцијата за миграција на ОН со седиште во Порт Морсби, претходно изјави дека спасувачите се во „трка со времето“ за да најдат преживеани. Итните служби работат во опасни услови, особено поради „камењата кои продолжуваат да паѓаат и поместувањето на земјата“, објаснува Акторпрак.

„За работите да бидат уште полоши, под урнатините тече подземна вода, претворајќи ја земјата во тобоган“, рече тој, додавајќи дека околу 250 куќи во близина се евакуирани како мерка на претпазливост.

„Може да дојде до нов одрон“, предупреди претставникот на ОН, што претставува „сериозен ризик“ за спасувачите и населението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ