вторник, 22 октомври 2024

Паднаа цените на нафтата

Објавено на

часот

Сподели

Цената на барелот на лондонскиот пазар падна за 93 центи во однос на претходното затворање, на 86,46 долари. На американскиот пазар барелот се продаваше по пониска цена од 1,03 долари, по 82,81 долар. Слабото економско закрепнување на Кина и посилниот американски долар би можеле да извршат притисок врз цените, но Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините партнери, познати како ОПЕК +, сигнализираа дека ќе направат сѐ што е потребно за да ја намалат понудата и да ги стабилизираат пазарите, рече Тина Тенг од ЦМЦ маркетс.

Индексот на доларот продолжи да расте откако малку поголемиот пораст на цените на производителите во САД во јули ги зголеми приносите на државните обврзници, и покрај очекувањата дека ФЕД се приближува кон крајот на циклусот на зголемување на каматите. Посилниот долар врши притисок врз побарувачката за нафта бидејќи ја прави стоката поскапа за купувачите што поседуваат други валути.

Исто така, се очекува дека намалувањето на производството од страна на членките на ОПЕК +, Саудиска Арабија и Русија, ќе ги намали залихите на нафта и потенцијално ќе ги зголеми цените уште повеќе во остатокот од годината, објави во петокот Меѓународната агенција за енергија во својот месечен извештај.

Денеска, портпаролот на Шел изјави дека извозот на нигериската сурова нафта Форкадос е обновен, околу еден месец откако товарењето на таа нафтена марка беше запрен поради потенцијално истекување на извозниот терминал.

Поради оваа суспензија, во јули Нигерија беше втората земја што придонесе за пад на производството на сурова нафта во ОПЕК, според истражувањето на Ројтерс. ОПЕК одделно објави дека во петокот цената на барел кошничка нафта на неговите членки паднала за 78 центи, на 88,97 долари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ